X
 25.07.2025 Наша тема

Рената Павлеска - една од најдобрите дипломирани студенти на ФЕИТ со просек 10: „Заминувањето во странство ми е последна опција, секој од нас треба да придонесе за нашата земја“

Охриѓанката Рената Павлеска го заврши Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) со просек 10, во рекордно време, давајќи го последниот испит во јунската сесија во 2024 година. Се стекна со звањето дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии од областа компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика. Таа е дел од студентите од академската 2023/2024 година кои Универзитетот „Свети Крили и Методиј“ од Скопје ги прогласи за најдобри.

- Факултетот за електротехника и информациски технологии ги спојува во практика математиката, физиката и информациските технологии, кои отсекогаш сум ги преферирала во текот на своето образование - вели Павлеска.

Му приоѓала студиозно и темелно на секој испит

Според нејзиното студентско искуство, ФЕИТ нуди широки можности за учење и надградување. Иако првите две години од студирањето ги одржале онлајн поради пандемијата, сепак, условите на студирање биле доследни и доволно квалитетни за студентите да го постигнат потребниот напредок.

- За време на студирањето на Факултетот се бараше совладување обемни и комплексни содржини, но доколку кон сето тоа се пристапи со многу љубов и посветеност, сиот стрес и напор се претвора во бесценето знаење и искуство - додава Павлеска.

Студирањето го сфатила како многу повеќе од учење факти и стекнување искуства од професионалната област. Тоа за неа било процес на градење дисциплина, развивање решителност и упорност во премостувањето на препреките низ животот.

- Кон секој од испитите, без разлика на тежината и обемот на материјата што требаше да се совлада, пристапував на ист начин, студиозно и темелно ги опфаќав сите аспекти од областа уште од самиот почеток на семестарот. Главната цел според која се одвиваше текот на моето студирање беше да го вложам својот максимум, да донесам заклучоци од наученото, а крајната оценка беше само евалуација која концизно ги евидентира постигнатите резултати - додава дипломката.



Просекот влијае врз можностите за работа, но не е клучен

Високиот просек за неа е само сатисфакција за постигнатите резултати во студирањето, за трудољубивоста и упорноста. Смета дека ФЕИТ ги подготвува студентите да размислуваат како инженери и да решаваат реални проблеми.

- Во тој поглед, просекот во одредена мера влијае врз можностите за работа, но не е клучен фактор кој го дефинира понатамошниот успех. Сепак, работата на реални проблеми и проекти ги носи професионалноста и компетентноста, кои со помош на искуството треба допрва да се стекнат - додава таа.

Непосредно по завршувањето на студиите почнала да работи во компанија во Охридскиот Регион која е дел од автомобилскиот сектор. Нејзиниот најголем интерес во професијата е насочен кон делот автоматика и системско инженерство, пред сѐ, програмабилни логички управувачи, СКАДА системи и проектирање производствени процеси.

Поголем ангажман од институциите за вклучување на дипломците во пазарот на трудот

Смета дека промоцијата на студентите со висок просек преку повеќе признанија и свечености е показател дека државата покажува интерес за нив, ги мотивира да продолжат со вредна работа во својата професионална кариера. Меѓутоа, вели дека е потребен поголем ангажман од страна на институциите кога станува збор за вклучувањето на дипломците во пазарот на трудот, можностите кои им се нудат, со цел да се спречи иселувањето на новите кадри во странство во потрага по професионално остварување.

- Инженерството, пред сѐ, нуди полезност за општеството во кое дејствуваме. Доколку ми се укаже можност за работа на позиција која ја опфаќа мојата област од интерес, би останала да работам во земјава. Сепак, последна опција би ми било заминувањето во странство поради професионален ангажман. Секој од нас треба да придонесе за нашата земја на кој било начин бидејќи сечиј влог во нешто полезно значи подобро општество и поквалитетна иднина за идните генерации - вели Павлеска.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема