X
 14.08.2026 Наука

Голем чекор во биологијата: Вештачката интелигенција создаде нови вируси што напаѓаат бактерии и што можат да се размножуваат

Американските научници успеаја со помош на вештачка интелигенција да создадат целосно нови, функционални вируси кои можат самостојно да се размножуваат во лабораториски услови. Ова е првпат вештачката интелигенција успешно да дизајнира целосни геноми. Создадени се 16 нови вируси кои напаѓаат исклучиво бактерии и не се опасни за луѓето, а успехот е опишан како клучен научен чекор кој би можел да овозможи развој на нови методи на лекување.

Сепак, експертите предупредуваат дека вирусите што ги дизајнира вештачката интелигенција отвораат и итни прашања за безбедноста и заштитата. Алатките на вештачката интелигенција брзо напредуваат и веќе се користат за дизајнирање нови антибиотици, но тоа е релативно едноставно во споредба со создавањето нов, одржлив вирус од нула.

- Ова е голем чекор напред во сложеноста на она што генеративната вештачка интелигенција може да го осмисли. Првпат е применета за создавање цел геном, нешто што може да се реплицира и да врши функции во клетките. За нас тоа беше целосно неистражена област - вели Брајан Хај, доцент на Универзитетот Стенфорд.

Технологијата функционира слично како големите јазични модели, како „Чет-ГПТ, кои предвидуваат низи од текст. Во овој случај, моделите познати како „Ево1“ и „Ево2“ не предвидуваат зборови, туку она што научниците го нарекуваат „јазик на животот“. Моделите се тренирани на огромни количини податоци за генетските кодови на вируси, бактерии, растенија и луѓе. Потоа се усовршени со цел да создаваат бактериофаги, специфична врска вируси кои напаѓаат само одредени бактерии.

Истражувачите од „Стенфорд“ избраа 302 од најперспективните дизајни на вештачката интелигенција и потоа ги синтетизираа во лабораторија. Од тој број, 16 се покажаа ефикасни во уништувањето на бактеријата Ешерихија коли. Самуел Кинг, докторaнд во лабораторијата, вели дека сфатиле дека фагите делуваат во раните утрински часови. Ги поставиле фагите на Петриев сад со бактерии и чекале знаци на уништување.

- Започнавме да ги уочуваме тие чисти дамки и бевме доста возбудени - вели Кинг.

Лекови на иднината и биолошки ризици

Развојот на нови фаги би можел да доведе до нови начини на лекување инфекции кои станаа отпорни на антибиотици. Но, овој научен пробив исто така укажува на способноста на вештачката интелигенција да дизајнира нова биологија која го надминува природниот свет, што е познато како синтетичка биологија. Хај тврди дека ова има потенцијал за огромно подобрување на човечкото здравје преку развој на нови лекови и терапии. Истовремено, расте загриженоста дека истата технологија би можела да се злоупотреби за создавање нови болести.

Вирусите не се сметаат за живи суштества, па за создавање живи организми со помош на вештачка интелигенција би бил потребен уште еден значаен научен скок. Генетскиот код на фагот е долг околу 5.400 базни парови, односно „букви“. Најмалиот геном на жива клетка има околу 500.000, додека човечкиот геном брои три милијарди базни парови. Хај вели дека обидот за создавање едноставни организми веројатно би барал многу труд, но не е невозможен и додава дека се заинтересирани за работа во тој правец.

Професорот Марк Ѓуел од лабораторијата за синтетичка биологија на Универзитетот „Помпеу Фабра“ во Шпанија рече дека истражувањето е многу значајна пресвртница бидејќи првпат во историјата започнуваме да дизајнираме биологија на компјутер. Според неговите зборови, тоа отвора возбудливи можности за решавање на некои од најголемите предизвици на човештвото, како што се развој на фаги за борба против болести, ензими за лекување генетски нарушувања и антитела за имунотерапија.

Професорот Патрик Цаи од Институтот за биотехнологија во Манчестер додаде дека истражувањето е значајна пресвртница.

- Нејзиното значење ги надминува самите фаги. Ова сугерира дека јазичните модели на геномот започнуваат да ги учат принципите на дизајн кодирани од еволуцијата, што ја отвора вратата за пишување геноми со помош на вештачка интелигенција - објаснува тој.

Извор: Index.hr
Фото: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука