Следната година патниците сè почесто ќе избираат пократки патувања, повеќе време ќе минуваат во природа и ќе бараат одмор што им носи нови искуства и вештини.
Туристичката индустрија веќе гледа кон 2027 година, а најновото истражување на хотелскиот синџир „Хилтон“ открива како би можеле да се променат патничките навики.
Во истражувањето учествувале речиси 15.000 патници од повеќе земји, при што се издвоени пет главни трендови кои „Хилтон“ ги опишува како дел од големата промена во начинот на патување.
Пократки, но почести патувања
Еден од главните трендови ќе бидат „микропатувањата“ - пократки, но почести одмори кои полесно се вклопуваат во секојдневниот живот.
Четвртина од испитаниците избираат пократки патувања за полесно да ги усогласат со деловните обврски, додека 29 отсто велат дека така можат да бидат поспонтани.
Некои патници го организираат целото патување околу еден настан, како концерт, спортски натпревар или вечера во познат ресторан. Други, пак, сакаат за неколку дена да видат што е можно повеќе - дури 57 отсто од испитаниците сакаат во текот на едно патување да посетат повеќе градови.
Одморот повеќе не мора да биде совршен
Уште еден тренд е оној што „Хилтон“ го нарекува „rise of 'ish'“ (подем на приближното/ориентационото), односно прифаќање на фактот дека патувањето не мора да биде совршено испланирано.
Патниците сакаат да задржат некои здрави навики, но истовремено да се опуштат и да импровизираат. Така, 28 отсто од нив претпочитаат за работите да одлучуваат на самото место, додека 18 отсто сакаат да имаат испланирано однапред.
Расте и интересот за таканаречените „growth getaways“ (одмори за личен развој), односно патувања во текот на кои се учи нешто ново - од јазици и готвење, па сè до уметност.
Природата станува дел од велнесот
Велнес-патувањата продолжуваат да растат, но акцентот сè повеќе се става врз престојот во природа.
Дури 79 отсто од испитаниците сметаат дека свежиот воздух и престојот на отворено се клучни за релаксација, додека повеќе од половината велат дека за време на одморот минуваат повеќе време во природа отколку дома.
Луѓето сè уште им веруваат повеќе на луѓето отколку на вештачката интелигенција
Иако вештачката интелигенција сè повеќе помага при планирањето на патувањата, личните препораки и понатаму имаат голема тежина.
Дури 87 отсто од испитаните им веруваат на советите од членовите на семејството, додека 70 отсто ги ценат препораките од хотелскиот персонал.
Извор:
n1info.hr
Фото: Magnific