Шведската музичка стриминг-платформа „Спотифај“ во текот на оваа година отстрани 50 милиони композиции генерирани со вештачка интелигенција од својот систем за препораки.
На својот блог компанијата наведе дека отстранила повеќе од 75 милиони нумери поради сериозни или повторени прекршувања на правилата.
- Оваа работа сè уште не е завршена. Вештачката интелигенција брзо се развива, а оние што ја злоупотребуваат исто толку брзо ги приспособуваат своите методи. Сепак, веруваме дека слушателите уште повеќе ќе ја ценат човечката креативност како што вештачката интелигенција ја прави музиката сè подостапна - наведоа претставниците на компанијата.
Според наводите на „Спотифај“, експертите ги анализирале нумерите што слушателите најчесто ги прескокнувале, ги игнорирале или не сакале да ги слушаат, а анализата покажала дека тие композиции често биле препознаени како непотребна содржина или спам.
„Спотифај“ наведува дека во текот на изминатите 6 месеци е унапреден системот за препораки за во прв план да се стави автентичната музика на изведувачите, додека уредниците на платформата ги применуваат истите стандарди и не ја ставаат содржината генерирана со вештачка интелигенција во своите плејлисти.
Платформата верификувала повеќе од 300.000 изведувачи, кои опфаќаат повеќе од 99 отсто од корисничките пребарувања, а повеќе од 70 отсто од нив се независни музичари. Исто така, воведена е и ознаката „AI Persona“ за илјадници виртуелни изведувачи.
Нивните профили се исклучени од алгоритамските препораки, освен ако корисниците наменски не се претплатат на нив.
„Спотифај“ наведува дека е единствената меѓу стриминг-платформите што ги означува изведувачите генерирани со вештачка интелигенција, а минатата година за само 12 месеци отстранила повеќе од 75 милиони композиции генерирани со вештачка интелигенција кои биле препознаени како непожелна содржина.
Извор:
021.rs
Фото: Pixabay