X
 14.09.2018 Наша тема

Лоран Изел, директор на ЕФИС: Наша задача е да ја зајакнеме врската помеѓу македонското и француското образование

Новина оваа година е преселувањето на учениците од предметната настава во нов објект кој се наоѓа веднаш до нашето училиште. Тоа, за нас, значи да се продолжи со отворање гимназија, да се работи на иднината која треба да им ја понудиме на нашите ученици за нашите родители да продолжат да ја наоѓаат смислата на школувањето на нивните деца во францускиот образовен систем

Во Франција педагошките директори исто така и предаваат

Учениците од предметна настава во Интернационалното француско училиште ЕФИС од Скопје ја имаат привилегијата оваа учебна година да учат во целосно нова зграда. Иако учебната година е започната, најдоцна до 1 октомври ним можат да им се придружат сите што сакаат да бидат дел од францускиот образовен систем, од првачина до деветто одделение.

Разговараме со педагошкиот директор на ЕФИС, Лоран Изел, кој во последната година го раководи ова училиште.

Пред вас е нова учебна година. Подготвени ли сте да ги пречекате учениците?

- Да. Целата педагошка екипа на ЕФИС е во целост подготвена да ги пречека своите ученици. Треба да потенцирам, како педагошки директор на ЕФИС, дека можам да сметам на целата екипа- професори, асистенти и технички персонал кои се мотивирани и совесни. Детаљно ја подготвувавме учебната година уште од почетокот на месец јули, а подготовките пред самиот почеток траеја повеќе од една недела (во францускиот систем, подготовката трае два дена): сето ова се должи на достапноста и професионалноста на наставниците, како и на целиот тим на ЕФИС.

Што ве очекува годинава? Дали можеби се воведува некаква новина?

- Главната новина оваа година е преселувањето на учениците од предметната настава во нов објект кој се наоѓа веднаш до нашето училиште. Тоа за нас значи да се продолжи со отворање гимназија, да се работи на иднината која треба да им ја понудиме на нашите ученици за нашите родители да продолжат да ја наоѓаат смислата на школувањето на нивните деца во францускиот образовен систем. Нашата задача е да ја зајакнеме врската помеѓу двата школски система: македонскиот и францускиот.
Покрај тоа, треба да продолжиме со темпото на работа од изминатите години: збогатување на обуките на наставниците, вреднување на училишните проекти, развивање на партнерствата (пред сè, со институционалните партнери од кои зависиме и кои даваат визибилитет на нашите проекти), збогатување на методите за учење. Со еден збор, продолжуваме да работиме за успехот на сите наши ученици, да им овозможиме да учат и да напредуваат, а нашето училиште да расте.

Задоволен ли сте како се развива приказната на ЕФИС во Македонија?


- Ние секогаш сакаме работите да одат побрзо. Како и да е, училиштето не е во самите почетоци и сите сме свесни за трпеливоста што мора да се има за да може една установа да се развива на долг рок. Моите колешки кои ја водат менаџерската работа и кои се столбот на училиштето, тоа го знаат најдобро, тие го познаваат ЕФИС во периодите на развој, но и во неговите најтешки мигови. Тие го познаваат најдобро значењето на зборот упорност! Најважното е ЕФИС да продолжи да се развива, а особено и понатаму да нуди квалитетно образование.


Што би им препорачале на родителите чии деца сега се првачиња? Што да направат за да им помогнат на своите мали дечиња кои зачекоруваат во школски систем?

- Во прво одделение имаме различни приказни. Поголемиот дел од учениците се школувани во ЕФИС уште од градинка, го владеат францускиот јазик и за нив е полесно. Други доаѓаат од различни школски системи. Трети, пак, за прв пат откриваат што всушност претставува училиштето, социјализацијата....Поголемиот дел го говорат францускиот јазик само на училиште.

Големата загриженост на родителите - и тешкотијата на учениците - е на лингвистичко ниво (во францускиот јазик) кај учениците англофони. Затоа ние нудиме и дополнителни часови за учениците кои воопшто не го владеат францускиот јазик и кои не биле школувани во нашата градинка. Се чини дека треба да се олесни пристапот до книги на француски јазик, а Францускиот институт поседува интересен фонд за оние кои бараат детска литература на француски јазик. Родителите се чувствуваат беспомошни затоа што не го зборуваат јазикот, но можат да се обидат да најдат разни начини (на пример, одвреме-навреме да предложат цртан филм или документарен филм на француски јазик).

Општо земено, поголемиот дел од учењето, како што реков минатата година, се одвива во училиштето. Родителите, сепак, имаат суштинска улога во слушањето на своето дете во неговот следење, во интерес на неговиот напредок, неговото учење или дури и неговите потешкотии...Поминување време со своето дете надвор од училиштето, за мене е од суштинско значење, читајќи му книги (дури и ако не се на француски јазик), разговарајќи со него и слушајќи го. И...aјде, да ги ставам нозете во оган - децата треба да бидат повеќе актери отколку консуматори, да трошат помалку време на телефони и таблети, кои се, јас претерувам очигледно, прекрасни алатки што нè „отвораат“, но сепак, ќе треба на интелигентен начин да се преиспита нивната употреба.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема