X
 21.02.2018 Образование

Го посетивме Француското училиште ЕФИС, чие мото е две култури - три јазици

Деца растоварени од премногу податоци, необемни лекции, минимална работа дома, развивање фина моторика, но и критичко мислење – ова се дел од придобивките на францускиот образовен систем, кој во Скопје се применува осма година во ова училиште

Сакајќи да го претставиме образованието во нашата земја и кои сè опции ги имаат родителите за своите деца, денеска ве каниме во посета на Француското интернационално училиште ЕФИС од Скопје. Пријатни работни простории за децата и за нивните наставници, тивко, а креативно, работа во мали одделенија од десет до петнаесет ученици, чувство дека никој не е под стрес затоа што е на училиште – ова е првиот впечаток што го добивме кога влеговме во училниците.



Ова училиште постои од 2012 година и се наоѓа во населбата Карпош 4. Акредитирано е и се спроведува државната програма на министерството за образование на Франција. Тоа е поделено на два дела: одделенска и предметна настава. Одделенската настава опфаќа ученици од 6 до 11 години поделени во два циклуса (циклус 2 и 3) или пет одделенија (од прво до петто одделение). Додека, пак, предметната настава, или collège на француски јазик, има четири одделенија (од шесто до деветто).
Наставата се одвива 24 часа неделно во 36 работни недели во годината. Интересно е што во Франција еден ден во работната недела не се оди на настава, тоа се средите, или пак таа трае до 12 часот.


Пет распусти годишно

Нашето училиште, како и сите други училиштa во Франција и во светот, има поинаков систем на распусти, ни објаснува Веселинка Ковачева, заменик-административен директор на училиштето, која ни ја долови сликата за ова училиште и беше наш љубезен домаќин.
- Децата кај нас имаат пет распусти годишно - новогодишен, зимски, пролетен, летен. По седум работни недели имаат две недели одмор. Учебната годината почнува на 1 септември, а завршува на 30 јуни. Наставната програма е поделена на пет периоди и помеѓу секој период има распуст. Таквиот начин на функционирање дава многу позитивни резултати кај учениците. Децата од градинката исто така го следат овој календар бидејќи и тие функционираат на истиот принцип како и училиштето. Но, за време на распустот секогаш имаме организирано згрижување, каде што децата од градинката имаат креативни работилници – вели Ковачева.


Ги посетивме првачињата на нивниот прв час. Интересно е што наутро тие прво споделуваат информации за тоа какво е времето, кој датум е, разговараат што правеле претходниот ден и како се чувствуваат. На тој начин се ориентираат во времето, однoсно ги учат деновите од неделата, месеците и поимите вчера-денес-утре.
Програмата за учениците од прво одделение се надоврзува на програмата на големата група од градинката. Наставниците од прво одделение се надоврзуваат на работата и стекнатите знаења од градинката. Описменувањето на учениците во францускиот образовен систем започнува од големата група во градинката и потоа продолжува во прво и во второ одделение.
Физичкото образование зазема важно место во училишните активности. Школото има опремена спортска сала, но учениците одат и на базен во „Борис Трајковски“, имаат искачување на карпа, гимнастика и колективни спортови.


Развојот на графомоторичките способности е многу важен сегмент во француското образование. Тоа почнува уште во малата група од градинката, а во училиштето се надградува. Акцент се става и на читањето книги, а со тоа и се развива критичкото мислење уште од најмала возраст. Училиштето располага со богат фонд на книги од светски познати автори. Во прво и во второ одделение десет часа неделно се изучува францускиот јазик, пет – математика, а останатите девет се за физичко образование, уметничко изразување и историја на уметност, англиски јазик и запознавање на природата и општеството. Од трето до петто одделение се изучуваат и експериментални науки и технологии, историја-географија, граѓанско образование и хуманистичка култура, но исто така и македонскиот јазик. Доколку ученикот има тешкотии при совладување на некоја материја, тогаш се организираат и дополнителни часови каде што наставникот преку дополнителни вежби му помага на ученикот да ја совлада. Тоа е, всушност, еден вид индивидуална дополнителна настава која исто така е дел од француската образовна програма.


Секој час не трае исто, ни објаснува Ковачева.
- На пример, часот по математика трае еден саат, од кој половина час има предавање, ама тоа не е класично предавање, се употребува дидактички материјал или, пак, игри преку кои учениците се иницираат да сметаат на памет, па потоа им се даваат вежби. За сѐ што учат имаат вежби, па евалуација. Учениците од петто одделение пред почетоците на часовите имаат слободни активности, импровизираат или дебатираат на одредена тема. Така беше и кога влеговме на час, имаа мала драматизација. Ваквите утрински активности помагаат да се збогати вокабуларот кај учениците. Ковачева ни објаснува, а и самите можевме да се увериме во тоа, дека француските учебници не се преполни со информации и податоци.
- За секоја тема претходно истражуваат на интернет, па прават и презентации. Работите се многу поедноставени. Немаат класични учебници што ги пропишува министерството за образование, наставникот има слобода да избере според кој учебник ќе работи, а инспекторот го одобрува. Моја колешка од Белград може да не работи по тој учебник. На пример, не постојат официјални учебници по предметот природа и општество, на тој начин се поттикнува истражувачката дејност кај наставникот, начинот на кој тој ќе им ја пренесе материјата на своите ученици, а со тоа ќе ги натера и самите да поставуваат прашања и да донесуваат заклучоци – објаснува Ковачева.


Како се оценуваат учениците во францускиот образовен систем?

Во одделенската настава постои описно оценување, додека пак во предметната настава оценувањето е со поени (од 10 до 20). Оценувањето се внесува во специјални електронски книшки. Процесот на оценување е ист во Франција и во сите француски училишта низ светот, значи нема импровизација, тоа е стандардизирано од самото министерство за образование и задолжително е за сите. Ковачева објаснува дека имаат одлична соработка со родителите.
- На родителите им е важно да знаат во што нивното дете е послабо, за на тоа да се обрне внимание. Кога има проблем, најчесто прашуваат каде е проблемот и што треба да се доработи. Сме забележале дека родителите на децата што учат кај нас, без разлика дали се странци или Македонци, се порелаксирани зашто во класичното македонско образование и родителите имаат многу работа дома со децата. Многу се разликуваат кога излегуваат оттука и имаат стекнато навика за работа – вели Ковачева.


Се наметна и вечната тема за домашните работи. Децата овде немаат класични домашни работи. Најчесто тие се пишуваат на училиште. За викенд, домашните задачи се минимални. Во текот на годината трипати имаат тестови и евалуација, ама се прави да не биде стресно и децата не се подготвуваат дома. Странците најчесто го избираат шпанскиот јазик како трет, а македонските деца – германскиот. Француската програма е една и важи за сите училишта што се акредитирани од француското образование. Во нашите предавања и програми не постои никаква импровизација бидејќи сме следени од инспектори кои секоја година даваат оцена за нашата работа. Македонија спаѓа во зоната на Југоисточна Европа заедно со Србија, Босна, Грција, Бугарија, Албанија, Романија, Италија....


Мотото на нашето училиште е две култури, три јазици. Тоа се македонската и француската култура и секако францускиот, македонскиот и англискиот јазик. Она по што е препознатлив ЕФИС е стабилен педагошки кадар кој постојано се обучува, стабилна државна програма, но секако и огромната соработка и поддршка од страна на родителите. Нашите ученици, професори и родители прават ЕФИС да биде едно мало семејство - додава заменик-административната директорка.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование