Иако 57 отсто од младите Европејци ја поддржуваат демократијата повеќе од кој било друг облик на власт, дури 48 отсто сметаат дека таа е загрозена во нивната земја. Ова го покажува новото истражување спроведено од агенцијата „Југов“ за фондацијата ТУИ.
Истражувањето ги опфатило мислењата на 6.703 Европејци на возраст од 16 до 26 години, кои живеат во Германија, Франција, Шпанија, Италија, Грција, Полска и Обединетото Кралство.
Резултатите покажуваат дека поддршката за демократијата е највисока кај младите Германци, со оглед на тоа што 71 отсто од испитаниците се изјасниле во корист на демократскиот систем, додека најниска е поддршката кај младите Полјаци, само 48 отсто го преферираат овој облик на владеење.
И покрај тоа што мнозинството испитаници изразиле поддршка за демократијата, 21 отсто изјавиле дека, под одредени околности, би ја поддржале авторитарната власт наместо демократската.
Во споредба со податоците од пред четири години, сè поголем број млади во анкетираните земји се определуваат десно од центарот. Тој удел се зголемил од 14 на 19 отсто.
- Кај младите кои политички се определуваат десно од центарот и истовремено се чувствуваат економски загрозени, поддршката за демократијата паѓа на само една третина. Овие бројки укажуваат дека демократијата е под притисок и однадвор и однатре - вели професорот Торстен Фас од Слободниот универзитет во Берлин, кој учествувал во истражувањето.
Од другата страна на политичкиот спектар, се зголемува и бројот на млади кои се идентификуваат со левиот центар, особено во Германија, Франција и Италија.
Млади Европејци и односот кон ЕУ
Вкупно 51 отсто од испитаниците се согласиле со тврдењето: „ЕУ е добра идеја, но многу лошо се спроведува“, а најголем евроскептицизам е забележан кај младите во Грција - дури 63 отсто ја поддржале оваа изјава. Дополнително, 40 отсто од младите сметаат дека начинот на кој функционира Европската Унија не е особено демократски.
Кога станува збор за конкретната работа на ЕУ, 53 отсто од испитаниците веруваат дека Унијата се занимава со премногу неважни прашања наместо да се фокусира на решавање на посериозните проблеми. Меѓу приоритетите што младите ги посочиле се справување со кризата на животните трошоци, зајакнување на одбраната од надворешни закани и создавање подобри услови за водење бизнис.
Сепак, и покрај критиките поврзани со ефикасноста на ЕУ, мнозинството млади сепак ја поддржуваат припадноста кон Унијата - 66 отсто сметаат дека членството во ЕУ е добра работа. Во Обединетото Кралство, дури 73 отсто од младите изразиле желба за повторно приклучување кон Унијата.
- Европскиот проект, кој со децении ни носеше мир, слобода на движење и економски напредок, денес се доживува како бавен и неефикасен - вели Елке Хлаочек, директорка на ТУИ.
Истражувањето покажало и дека младите Европејци со текот на времето стануваат сè покритични настроени кон имиграцијата, па 38 отсто сега поддржуваат построга имиграциона политика, во споредба со 26 отсто во 2021 година.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Freepik