X
 28.01.2019 Живот

„Европа ни се распаѓа пред очите, ќе исчезне поради омраза“

Либералните вредности во Европа се соочуваат со предизвик што не е виден уште од 30-тите години на минатиот век, велат водечките интелектуалци од 21 земја, и тоа во време кога Велика Британија оди кон Брегзит, а се чини дека националистите заземаат сѐ поголем број места во Европскиот парламент.

Триесет писатели, историчари и добитници на Нобелова награда, во неколку весници, вклучувајќи го и „Гардијан“, напишаа манифест за тоа како „Европа се распаѓа пред нашите очи“.

- Сега мора да ја натераме Европа да не потклекне или да не исчезне под брановите на популизмот - пишува во писмото.

- Мораме повторно да ја откриеме политичката волја или да прифатиме дека огорченоста, омразата и нивната поворка на тажни страсти ќе нѐ опкружуваат и ќе нѐ потонат. Тие пишуваат  дека им е жал што Европа била напуштена од оние преку Каналот, мислејќи на процесот за Брегзит што ги донесе англо-европските односи на најниско ниво уште од Втората светска војна.

1
Фото: Pixsell


Во манифестот интелектуалците пишуваат дека не се прават напори да се спречи растечкиот популизам, а овие ЕУ-избори ќе бидат најопасните досега, победа за уништувачите, а срам за оние што и понатаму веруваат во наследството на Еразмус, Данте, Гете и други. Ќе носат презир кон интелигенцијата и културата, ќе има експлозија на ксенофобијата и антисемитизмот.

- Напуштени од соседите преку каналот, но и од два сојузници преку Атлантикот, кои во претходниот век двапати Европа ги спасуваше од пропаст, ранливи на сѐ почестите манипулации на господарот на Кремљ, Европа како идеја, како желба и приказ, се распаѓа пред нашите очи - пишува во манифестот.

Текстот од 800 збора го напишал францускиот филозоф Бернар-Анри Леви, а потписници се писателот Иан Мекеван и Салман Ружди, историчарот Симон Шама и нобеловците Светлана Алексиевич, Херта Милер, Орхан Памук и Елфриде Јелинек. Ружди за „Гардијан“ изјави дека Европа е во најголема опасност сега отколку кога било во изминативе 70 години.

- Некои од нас сметаат дека е време да станеме и да се слушне нашиот глас. Што се однесува до катастрофалниот Брегзит, мислам дека земјата ќе ја спаси уште еден референдум, а тоа ќе направи многу и за спасување на Европа - вели Ружди.

Мекеван вели дека го потпишал манифестот бидејќи моментално е доста песимистичен, но се надева дека работите ќе се променат.

Памук вели дека идејата за Европа е важна и за земјите што не се на запад.

- Без идејата за Европа нема идеја за слободата, женските права, демократијата и егалитаризмот, што е тешко да се бранат во мојот дел од светот - вели писателот.

- Историскиот успех на Европа го олесни бранењето на овие идеи и вредности што се од суштинска важност за целиот свет. Нема Европа без овие идеи и вредности, освен Европа на туризмот и бизнисот. Кај Европа не е географијата на прво место, туку овие идеи. Нападната е идејата за Европа.

На ЕУ-изборите во мај - првите без Британија - повеќето набљудувачи предвидуваат пораст на поддршката за популистите, националистите и партиите што се залагаат против имиграцијата. Многу од нив веќе напредувале во националните избори, додека пред тоа, по војната, доминирале центристичките партии.

Матео Салвини, италијански радикално десен политичар од „Лига избор“, го опиша гласањето како избор помеѓу „Европа на елитите, банките, финансиите, имиграцијата и несигурна работа“, од една страна, и „луѓето и трудот“, ветувајќи дека ќе формира евроскептично сојузништво помеѓу Италија и Полска.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, вели дека изборите се шанса за кажување збогум на либералната демократија. За разлика од евроскептиците во Велика Британија, повеќето европски колеги не сакаат да си одат од унијата, туку сакаат да ја преземат.

Одбраната против десничарските популисти ја водат францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркер. Иако и двајцата се ослабени поради домашните проблеми, оваа недела тие ги обновија заветите меѓу двете земји.

Резултат од изборите би можел да биде многу покомплексен парламентарен систем, тешко градење на коалиции и проблеми со изгласување закони, особено околу имиграцијата и реформите на еврозоната. Иако не повикаа на директна акција, оние што го потпишале манифестот велат дека не сакаат само да се препуштат на надоаѓачката катастрофа. Тие се сметаат себеси за премногу тивки европски патриоти кои сфаќаат дека три четвртини од векот по поразот на фашизмот и 30 години по падот на Берлинскиот ѕид доаѓа нова битка за цивилизацијата.

И покрај многуте грешки, лапсузи и акти на кукавичлук, Европа останува втор дом за секој слободен човек, маж и жена, на планетата.

Потписници се: Василис Алексакис, Светлана Алексиевич, Ан Апелбаум, Јенс Кристијан Грондал, Дејвид Гросман, Ањес Хелер, Елфриде Јелинек, Исмаил Кадаре, Ѓерги Конрад, Милан Кундера, Бернар-Анри Леви, Антонио Лобо Антунес, Клаудио Магрис, Иан Мекејн, Херта Милер, Људмила Улицкаја, Орхан Памук, Роб Римен, Салман Ружди, Фернандо Саватер, Роберто Савијано, Еугенио Скалфари, Симон Шама, Петер Шнајдер, Абдула Сидран, Леила Слимани, Колм Тобин, Марио Варгас Љоса, Адам Мичник и Адам Загајевски.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот