X
 24.11.2016 Живот

Нова, наизглед револуционерна, поделба на човековиот карактер

карактер 

 

Пневматик - Вонредно еластичен и издржлив карактер, бавно се троши и се прилагодува на сите временски прилики. Лесно се надувува и уште полесно се издувува, но може и да пукне. Може да се дупне, но после тоа е неупотреблив. Секоја закрпа го прави сè понесигурен.


Цитостатик - Карактер од кој ви се повраќа. Отровен е за околината, иако секогаш е тука за да помогне. Никој не е среќен со овој карактер покрај себе, но во случај на безизлезност, секој на крај полага голема надеж во него. Тој ви се вовлекува под кожа, влегува во крвотокот, и тоа е неговата најголема маана и најголема доблест.

Инфографик - Сè мора да му се нацрта и пресмета. Не постои информација која нема формула или дијаграм. За него ирационалното е непостоечка категорија. Ова е карактер што се занимава со карактери, се дави во карактери. Ги прикажува работите јасно, недвосмислено и дводимензионално. Лимитиран е со координатниот систем во кој живее.

Ахроматик
- Безбоен карактер, што народски би се рекло „ниту смрди, ниту мириса“. Под безбојната наметка вообичаено се кријат едно бело и едно црно копче, кои само носителот може да ги активира со едно стискање со палецот. За разлика од карактерите кои се намачкани со разни бои и кои би ја продале и сопствената мајка, гореспомнатиот има само два мода, или сè е бело или сè е црно.

Арктик & Антарктик - Ладни и недостапни карактери, непрегледни и досадни, далечни и со многу побарувања. Интересни им се единствено на авантуристите и на ретките птици. Не очекувајте реакција од овие карактери; за да допрете до нив, ви требаат вистински подготовки, добро испланирана експедиција и „чопор“ од маламути од Алјаска. Арктикот е сепак помал проблем од Антарктикот.

Околувратник - Вистински давеж, не поседува палата и јахта. Ве гуши на начин што одвај можете да вдишете малку воздух, за да ве гуши повторно. Се опушта главно во викенд. Карактер кој ќе ви се закачи за вратот кога првпат ќе покажете потреба за него, и нема да ве остави сè додека покажувате знаци на живот.

Мозаик - Деталист. Карактер кој е толку комплициран така што гласно пред него се прашувате како се поврзал во еднина. Очекува посветување внимание на секој единечен инпут и не поднесува невнимателност. Тежнее кон монументалност, страда од комплекс на величина, но добро ги поднесува реставрациите кога ќе дојде до осипување. На оперативно ниво е мозок.

Титаник - Баксузен карактер. Задоволен е со себе, горделив, изгледа некршливо. Склон е на талкање по морињата на несвесното и на фатални судири со непосредната реалност. Жртва е на несреќни околности, студени плимски бранови и поплави од чувства на кои не може да влијае. Со себе многумина повлекува на дното.

Водороден тип - Мисли дека е важен. Не, не мисли тој, тој знае дека е важен. Свесен е дека е најважен. Тврди дека и водата не може да тече без него. Карактер кој верува дека без него нема живот. Сеприсутен е, но истовремено и едноставен, за што не е свесен. Има врски и во гените. Ни сонцето не може без него. Во сè се меша. Не сака да му се споменуваат дијаманти или сол. Бидејќи реакцијата со нив е неизвесна.

Запченик
- Знае дека е едноставен, мал и лесно заменлив, и затоа молчи и врти. Кај овој карактер никогаш нема да забележите незадоволство на лицето затоа што нема време да размислува на фацијални експресии. Среќен е што е дел од машина. За него е сосема во ред да му се каже што треба да сонува. Се потпира на два-три карактери кои му се слични. Сака маст.

Светилник - Карактер кој е способен да живее далеку од другите. Самотник. Преживува бури на свесното и бранови на несвесното и не се губи во маглата на неизвесната иднина, затоа што трпеливо чека маглата да се расчисти. Високото мислење за себе го темели на основа цврста како карпа. Умее без многу движење да биде патоказ и спас за субјекти каков што е на пример, Титаникот. Потсетува на Алберт Ајнштајн.

Кенозоик - карактер кој е збунет и оптоварен, не се пронаоѓа самиот себе. Едно мисли, друго зборува, а ништо не работи. Се дели самиот и сè околу него. Не е за никого и не е создаден за свети работи. Новиот живот за него може да почне сега и веднаш или никогаш. И така секој ден. Не е пар - непар е. Џабе се буди во 5.30 часот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот