X
 16.03.2017 Наука

Револуција во бродскиот сообраќај - Норвежаните прават тунел за бродови

Норвешка одобри финансирање на амбициозен проект за изградба на првиот тунел во светот, наменет за бродови.

фото
Фото извор: Thinkstock

Државата се впушти во овој проект за да го олесни пловењето околу полуостровот Стад.

Тунелот ќе биде 45 метри висок, 36 метри широк и 1.7 километри долг, а ќе биде прилагоден за бродови кои носат до 16.000 тони.

„Ќе обезбедиме сигурно поминување околу Стад и така ќе ги поставиме темелите за индустриски развој на регионот, а ќе претставува и светска туристичка атракција. Со изградбата на тунелот, повеќе транспортни линии ќе бидат пренасочени тука од патиштата на отворено море“, изјави норвешкиот пратеник Бјорн Лодемел.

Најмалку 100 бури годишно се регистрирани во овој регион, а од крајот на Втората светска војна, по оваа рута загинале 33 лица. Затоа, тунелот ќе овозможи до 120 бродови безбедно да поминат под планината, наместо да пловат по опасните морски води.

Идејата за изградба на тунел за бродови не е нова и за неа се дискутира повеќе од 100 години. Првите планови биле направени во 1870 година, а Стад со векови е познат како проблематично подрачје. Историчарите велат дека дури и Викинзите ги влечеле своите бродови на копно за да ги избегнат немирните води на морето Стадхавет.

За изградба би биле потребни и до 10 години, а целосно ќе биде финансирана од норвешката влада која ќе издвои 117 милиони долари за испитување на теренот.

По завршување на изградбата, тунелот ќе биде единствен од овој вид во светот, а Норвешка, која има репутација на една од најдобрите земји на планетата според технологијата на изработка на тунели, со овој проект дополнително ќе ја зајакне својата позиција на ова поле.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука