X
 05.04.2017 Култура

Коста Петров - најчитан автор помеѓу два саема, според Македонската асоцијација на издавачи

Македонската асоцијација на издавачи синоќа ги додели наградите за најдобри изданија помеѓу два саема. Нив ги одбра жири во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски – универзитетски професор, проф.д-р Симона Грујовска Маџоска – Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Петар Андоновски – писател, Никола Војнов – креативен директор во New Moment и Нина Стефанова – новинар во ТВ Телма.



Наградите ги добија:

- Награда за најдобра едиција – едиција „Бранови“ на издавачки центар „Антолог“

- Најдобро печатено издание – Бајки од Македонија на издавачка куќа „Арс Ламина“

- Најдобро ликовно-графичко решение – Современи класици на ИК „Арс Ламина“

- Најпродаван домашен автор – Коста Петров, Издавачки центар „ТРИ“

- Најдобра книга за деца – „Бајки од Македонија“ на „Арс Ламина“

- Најкреативно издание – „Планум“ на „Паблишер“

Управниот одбр на МАИ додели и две специјални награди:

- Промотор на читачката култура – Букбокс (Bookbox) на off.net.mk

- Издавачка куќа со најголема општествена одговорност – „Арс Ламина“ за изработка на учебници за деца со оштетен вид

Македонската асоцијација на издавачи прва година ги додели наградите, а идејата е да се вреднува токму издавачката работа и да го поттикне и поддржи квалитетот во производството на книги. На свеченоста кусо обраќање имаше и претседателот на Асоцијацијата, Бојан Саздов, кој ја истакна потребата од проширување на членството, заедничкото делување во фелата, изготвувањето календар на саемски и други манифестации, формирање суд на честа, како и заедничко застапување пред институциите. Една од заложбите на МАИ беше и достоинствен Промотивен центар кој издавачите го добија на годинашниот саем, како и отворање на Хала 2.

Денеска во 11 часот во Промотивниот центар ќе бидат претставени капиталните едиции реализирани од Министерството за култура. За „ Ѕвездите на светската книжевност“ и „Светско книжевно наследство“ ќе зборуваат Јовица Тасевски Етернијан од НУБ „Свети Климент Охридски“ - Скопје и Зорица Теофиловска од КСЦ „Полица“.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура