Последното истражување објавено во списанието „Nature“ носи загрижувачки вести. Научниците велат дека имаме само три години за да дејствуваме, ако сакаме стабилна транзиција кон економија со ниско ниво на јаглероден диоксид.
Има време до 2020 година, за постигнување на целите кои се наведени во „Paris Climate Agreement“, а потоа има веројатност и да бидат невозможни за остварување. Тогаш, мерките кои би се презеле би требало да бидат драстични и да се надеваме на најдоброто. Експертите сметаат дека знаеме како да влијаеме на климатските промени – потребно е да се намали емисијата на штетни гасови, но потребно е тоа што побрзо да се имплементира.
Според истражувањето, во 2016 година во САД емисијата на штетни гасови е намалена за 3%, а во Кина за 1%. Сепак, забележан е и економски раст во двете земји, што значи дека овие две работи не се цврсто поврзани.
Авторите на истражувањето креирале листа на мерки кои е потребно да се применуваат до 2020 година. Освен намалување на емисијата на штетни гасови, се бара и зголемување на продажбата на електрични автомобили, искоренување на сечењето на шумите и особено намалување на емисиите на гасови од тешката индустрија, како и надградба на инфраструктурата и користење на соларна енергија.
Некои од овие
мерки веќе се применуваат, но потребно е сериозно да се сфати ситуацијата и побрзо да се дејствува во оваа насока, пред да биде предоцна.