X
 15.09.2017 Живот

Следете го во живо крајот на една од најголемите мисии во вселената

вселена
Фото: NASA

Денес околу 15 часот по наше време ќе заврши една од најголемите и најуспешните мисии во вселената во историјата на човештвото во која учествуваа три вселенски агенции - американската НАСА, европската ЕСА и италијанската АСИ и уште 27 земји.

После 20 години лет и 13 години истражување во системот на Сатурн, леталото „Касини“ ќе влезе во неговата атмосфера и ќе изгори како метеор.

НАСА на својот ТВ канал започна во живо да ги пренесува случувањата во седиштето на мисијата со коментари од експерти. Ова се најважните досега:

„Во Калифорнија, во седиштето на мисијата моментално е 4 часот наутро. Собрани се повеќе од 1,500 научници поврзани со мисијата“, рекла водителката во воведот.

„Атмосферата низ која поминуваше досега „Касини“ беше ретка, слична на онаа низ која поминува Меѓународната вселенска станица“, изјави еден од научниците на мисијата на прашањето зошто на мисијата ѝ дојде крајот.

Членот на мисијата, Тод Барбер објаснува дека последниот сигнал на „Касини“ ќе доцни бидејќи на светлината, односно на електромагнетните бранови им е потребен еден час за од Сатурн да дојде до Земјата.

„Клучот е да се анализираат вредните податоци кои „Касини“ ќе ги собере“, изјави Барбер.

Научникот Морган Кејбл изјави дека станува збор за големо случување. За неа, најголемиот успех на мисијата е откритието дека месечината на Сатурн, Енкелад, би можела да има услови за живот.

Линда Спилкер објаснува дека фасцинантни се наодите од истражувањето спроведено од сондата „Хајгенс“ која слета на Титан како и бројни други резултати од мисијата.

„Касини веќе 13 години води научен маратон што сега влегува во финалето“, изјави таа.

Планиран распоред


Распоредот од големото финале според нашето време, изгледа вака:

13:31 часот - Започнува влезот на „Касини“ во атмосферата на Сатурн
13:32 часот - Леталото престанува да испраќа сигнал
14:55 часот - Сигналот се прекинува и на Земјата, што пристигнува со одложување поради големата далечина

Почетокот на емитувањето во живо, НАСА на нејзината „Фејсбук“ страница го најави за 13 часот по наше време.

nasa

„Касини“ ги складира податоците собрани на нејзиниот хард диск најмалку два часа пред да ги испрати на Земјата. Но бидејќи ќе изгори само една минута после влегувањето во атмосферата, нема да има време за тоа. Затоа, во последните неколку часа, како што ќе ги испраќа податоците, така тие ќе пристигнуваат, без одложување. За жал, тоа значи дека повеќе нема да може да испраќа фотографии бидејќи тие би зазеле премногу простор и време.

Наместо тоа, на Земјата ќе доаѓа live stream на податоци за составот на атмосферата на Сатурн, резултатите од мерењата на различните бранови должини и податоците за неговите магнетни полиња и ротација.

Научниците очекуваат податоците од „Касини“ уште еднаш да ги изненадат.

„Кога ќе лета низ атмосферата, ќе можеме буквално да собереме молекули врз чија основа би можеел да ја дознаеме вистината за атмосферата на Сатурн“, изјави Скот Едгинтон, член на мисијата.

„Како и со сè останато поврзано со оваа мисија, и сега очекувам да бидам целосно изненаден“, додаде тој.

Мисијата вредна 3,26 милијарди долари беше лансирана во 1997 година и реализира голем број научни и технолошки достигнувања. Помина 7,9 милијарди километри, направи 453,000 одлични фотографии со висока резолуција, собра 635 гигабајти научни податоци, откри дека на „Енкелада“ има океан во кој би можело да има услови за живот, откри дека на Титан има ниски температури од околу -180 степени Целзиусови и многу други податоци кои со години ќе се анализираат и ќе се пишуваат научни трудови.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот