X
 26.09.2017 Живот

Сцена од душевна болница во Белград која му оставила најдлабок впечаток на еден доктор

„Малечка соба, еден човек лежи на кревет, а покрај него седат маж и жена, дошле во посета...“


Статусот што го потпишал доктор Владимир Ѓуриќ, психотерапевт и специјалист по психијатрија, станал многу популарен на „Фејсбук“ и тоа поради добра причина – со статусот е опишана сцена од една душевна болница која никого не остава рамнодушен. Статусот за кратко време собрал над 3 илјади лајкови и имал 400 споделувања. Текстот ви го пренесуваме во целост:

„За овие 15 години колку што сум во медицината, присуствував на многубројни фасцинантни глетки. Фасцинантно убави и фасцинантно грди. Успешни и неуспешни породувања. Успешни и неуспешни реанимации. Успешни и неуспешни самоубиства. Успешни и неуспешни последни вдишувања. Меѓутоа...
Ништо не ми остави толкав впечаток како едно најобично попладне за време на посета. Во „лудницата“ на крајот од градот. Малечка соба, максимално средена за српски услови. Уредна по хируршки, а камоли по психијатриски стандарди. Чисти завеси, еден болнички кревет, еден стол, една масичка со неколку стари руски класици и позајмени весници, и штотуку донесени банани. Домаќинот избричен и уредно потстрижан, во пижами, насмеан. Маж и жена во господска гардероба, загрижени, во посета. Тој среќен што некој дошол да го види на „вакво место“ и што е тоа некој „негов“. Тие тажни и загрижени што гледаат само сенка од својот другар од гимназија. Другар кој некогаш бил така убав, млад и некршлив. Интелигентен, со капацитет и потенцијал. Секогаш расположен и насмеан.

Сè до втора година факултет кога почнал да бара некоја чудна симболика и поврзаност во броевите и формулите и да верува дека тука се наоѓа некоја посебна порака за него. Параноидната шизофренија почнала да ги остварува своите злобни цели запишани во неговата несреќна генетика, и првпат бил хоспитализиран на психијатрија, а потоа уште 22 пати. Другарот кој наскоро почнал да пропаѓа телесно и психички, другарот кој за 20 години лекување станал само сенка. Другарот кој бил толкав баксуз, па покрај сите маки на крајот останал и без мајка, која единствена се грижела за него, го хранела, го бањала, го облекувала и го терала да пие лекови. Единствената личност што го сакала. Потоа брзо завршил на улица, како бездомник, без храна и лекови.

Но, другарот кој сепак едно утро имал толку среќа да го сретне жена која во моментов е во посета, случајно да го сретне во парк на клупа со две кеси, сето она што го поседувал. Небањат една година. Му понудила дел од кифлата, која и била премногу. И ги препознала неговите очи и лузната на брадата од матурската екскурзија во Будимпешта кога ја одбранил од пијан ученик од четврто 3 класот, кој подоцна станал министер.

И се шокирала и замрзнала кога видела дека е тој. Го организирала одделението во кое учеле заедно, каде што била и претседател. Го повикала благајникот, кој сега е во Канада, за да собере пари. Како што знае и умее. Ја контактирала секретарката на одделенската заедница, сега врвен адвокат, да помогне околу преземањето на старателството на другарот. И го повикала и најлошиот ученик од одделението, за да го замоли да му дозволи на другарот некое време да помине во становите во Врачар што ги издава, за барем малку да дојде на себе, да се нахрани, избања и згрее. Бидејќи којзнае дали сите тие станови би ги имал да не бил другарот да му ја заврши втора година гимназија со решавање на сите задачи.

И на крајот на најучената во одделението, сега доцент, началничка на оддел во клиничкиот центар, која после неколку недели консултација дошла до предлог за долготрајно решение.

Одделенската заедница била едногласна како и секогаш. Му плаќаат сместување на психијатрија, во одделение на периферија од градот, каде што има храна, лекови, лекари. Направиле жиро-сметка и распоред на посети. Секоја недела по двајца од одделението, со евентуални ненадејни посети од другарите што доаѓаат од странство и за годишнина од матурата, кои од тој момент некако годишнините ги славеле посреќни.

Се сеќавам на моментот кога колешката ми го кажуваше сето ова. Се почувствував дека пропаѓам во фотелјата во лекарската соба и наредниот половина час само гледав низ прозорецот. И размислував. Дали е ова можно во нашата земја? Во ова време? После сè низ што поминавме? Дали уште постојат вакви луѓе? Луѓе со големо „Л“. Чесни, добри, алтруистични, емпатични, кои сакаат да помогнат, кои покажуваат дека сè е можно ако нешто сакате и ако барате начини, а не изговори.

Се сеќавам на размислувањето дека пред ова знаев дека понекогаш во „лудница“ можете да видите нормални човечки особини и најубави емоции. Љубов, гордост, благодарност, искрена насмевка, пријателство, посветеност, човечност.

Тие и се направени за да се заштитат оние што тоа не го можат сами. И се мислев. Како не можеме да го избереме семејството во кое се раѓаме. Ниту генетиката. Ниту болестите што таа генетика ги носи. Ниту тежината на судбината која ни е наменета. Но, пријателите можеме. Макар на тој начин што некому ние ќе му бидеме пријател. Некој што не може да ни даде ништо за возврат. Некој што не може да ни се оддолжи, освен со очи полни благодарност. Колку и да се болни тие очи. И на крајот, како место „лудница“ многу подобар е терминот „душевна болница“. Бидејќи ретко каде ќе видите луѓе со повеќе душа.“
Подготвил: Маја Пероска

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот