X
 18.08.2015 Живот

Приказна која ќе ве расплаче: "Кога ќе ме нема"

Кога Рафаел Зоехлер ја објавил приказната „When I'm gone“ („Кога ќе ме нема“), тој никогаш не ни помислил дека таа ќе стане толку популарна, особено затоа што ова било првото нешто што некогаш го објавил на неговата страна.

Приказната раскажува за животот на еден млад човек и неговиот починат татко.

„Кога ќе ме нема“

Смртта е секогаш изненадување. Никој не ја очекува. Ниту пациентите кои имаат неизлечива болест не помислуваат дека ќе умрат за ден или два или пак можеби за една недела.

Никогаш не сме подготвени и никогаш не е вистинското време за човек да замине од овој свет. Кога ќе дојде, ќе помислите дека не сте ги направиле сите работи кои сте сакале да ги направите. Крајот обично секогаш доаѓа изненадно, и претставува ужасен момент за вдовиците и досаден момент за децата кои не разбираат што е погреб (фала му на Бога).

Не беше различно и за мојот татко. Всушност, неговата смрт беше уште понеочекувана. Тој си замина од овој свет на 27 години. Истата возраст на која починаа поголемиот дел од познатите музичари. Тој беше млад. Премногу млад. Не беше музичар ниту пак позната личност. Но, ракот не ги избира своите жртви. Си отиде кога бев млад, и научив што е погреб токму поради него. Имав 8 и пол години, доволно возрасен за да ми недостига целиот живот. Доколку умреше пред тоа, немаше да имам спомени. Немаше да чувствувам болка. Немаше да имам татко во мојот живот. А јас имав татко.

Имав татко кој беше и строг и забавен. Некој кој ќе ми кажеше шега пред да ме казни. На тој начин немаше да се чувствувам толку лошо. Некој кој ќе ме бакнеше на челото пред да заспијам. Навика која им ја пренесов на моите деца. Некој кој ме тераше да го поддржувам истиот фудбалски тим што го поддржуваше тој и кој ми објаснуваше работи подобро од мојата мајка. Знаете на што мислам, нели? Таков татко нормално е да му недостига на човек.

Никогаш не ми кажа дека ќе умре. Дури и кога лежеше во болничкиот кревет со цевките и инфузиите на него, тој не ми кажа ништо. Мојот татко правеше планови за следната година дури и кога знаеше дека нема да го има следниот месец. Следната година, ќе одевме на риболов, ќе патувавме, ќе посетувавме места кадешто не сме биле. Следната година ќе беше неверојатна година. Го живееше истиот сон.

Верувам, всушност, сигурен сум - тој мислеше дека вака ќе донесе среќа. Беше суеверен човек. Размислувајќи за иднината беше единствениот начин да ја одржува надежта жива. Успеа да ме насмее до самиот крај. Но не ми кажа. И не ме виде кога плачев.

И одеднаш, следната година заврши уште пред да започни.

Мајка ми ме зеде од училиште и отидовме на болница. Докторот ни ги кажа вестите со сета чувствителност која докторите ја губат во текот на годините. Мојата мајка плачеше. Таа имаше трошка надеж. Како што реков претходно, сите имаа. Јас бев зачуден. Што тоа значи? Нели беше обична болест, вид на болест која докторите ја лекуваат со инфузии? Те мразев тато. Се чувствував предадено. Викав од лутина во болницата се` додека не сфатив дека татко ми не беше таму да ме казни. Силно плачев.

Со кутија од чевли под нејзината рака, една сестра дојде да ме утеши. Кутијата беше полна со запечатени пликови, и реченици на местото кадешто треба да седи адресата. Не можев да сфатам што се случува. Потоа сестрата ми даде едно писмо. Единственото писмо кое беше надвор од кутијата.

„Твојот татко ме замоли да ти го дадам писмото. Помина цела недела пишувајќи ги овие, и тој сака да ги прочиташ. Биди силен“, рече сестрата, држејќи ме.

На писмото пишеше „Кога ќе ме нема“. Го отворив

Сине,

Ако го читаш ова, тогаш значи дека сум мртов. Знаев дека ќе умрам.

Не ти кажав што ќе се случи, бидејќи не сакав да те гледам како плачиш. И изгледа успеав. Мислам дека човек кој за брзо време ќе умре има право да реагира малку себично.

Како што можеш да видиш, има уште многу работи кои треба да те научам. После се`, ти не знаеш апсолутно ништо. Па затоа ти ги напишав овие писма. Не смееш да ги отвориш пред вистинскиот момент, во ред? Тоа е нашиот договор.

Те сакам. Грижи се за мама. Ти си сега мажот во нашата куќа.

Со љубов, тато

П.С. Не и` напишав писма на мајка ти. Го има мојот автомобил.


Ме натера да престанам да плачам поради неговиот лош ракопис. Печатењето не беше лесна работа тогаш. Неговиот грд ракопис кој едвај го разбирав ме натера да се смирам и ме насмеа. На тој начин татко ми ги правеше работите. Како шегата пред да ме казни.

Од тој ден, за мене кутијата стана најважното нешто во светот. И` кажав на мајка ми да не ја отвора. Тие писма беа мои и никој не смееше да ги чита. Напамет ги знаев сите важни животни моменти напишани на тие пликови. Но, беше потребно време тие моменти да ми се случат.

7 години подоцна, откако се преселивме на ново место, не можев да се сетам каде ја ставив кутијата. Ако нешто се изгуби во нашата меморија, тоа не значи дека сте го изгубиле. Обично значи дека повеќе не постои.

И тоа и се случи. Моите тинејџерски години и новото момче на мајка ми предизвикаа она што татко ми го предвидел пред долго време. Мајка ми имаше неколку момчиња, и јас секогаш ја сфаќав. Таа никогаш не се омажи повторно. Не знам зошто, но сакам да верувам дека мојот татко беше љубовта на нејзиниот живот. Но, сепак, едно нејзино момче беше безвреден. Мислев дека само се понижува додека е со него. Таа заслужуваше многу подобро отколку човек кој го сретнала во бар.

Се`уште се сеќавам на шамарот што ми го даде откако го изговорив зборот „бар“. Признавам дека го заслужив. И научив со текот на годините. Тогаш кога го добив шамарот, додека кожата се`уште ми гореше, се сетив на кутијата и писмата. Се сеќавам на едно од нив на кое пишуваше „Кога ќе ја имаш најлошата расправија со твојата мајка“.

Ја демолирав мојата соба во потрага по кутијата, за што добив уште еден шамар. Ја најдов кутијата во еден куфер во плакарот. Погледнав низ писмата и сфатив дека сум заборавил да ги отворам „Кога ќе го имаш твојот прв бакнеж“ и „Кога ќе ја изгубиш невиноста“. На крајот го открив она што го барав.

„Сега да и` се извиниш.

Не знам за што се расправат и не знам кој е во право. Но ја познавам твојата мајка. Затоа скромно извинување е најдобриот начин за да преминете преку оваа кава. Зборувам за извинување на колена.

Таа е твоја мајка. Таа те сака повеќе од се` во светот. Дали знаеш дека таа имаше природно породување бидејќи некој и` кажал дека тоа би било најдобро за тебе? Дали некогаш си видел како една жена се породува? Дали ти е потребен поголем доказ за љубовта кон тебе?

Извини се. Таа ќе ти прости

Со љубов, тато.

Татко ми не беше некој голем писател, тој беше еден обичен банкарски службеник. Но неговите зборови имаа големо влијание врз мене. Тоа беа зборови кои имаа поголема мудрост од сите мои 15 години.

Отидов во собата на мајка ми и ја отворив вратата. Јас плачев кога се сврти и ме погледна право во очите. Плачејќи викна: „Што сакаш?“ Она што го помнам е дека отидов со писмото од татко ми. Ја држев во прегратка додека моите раце ја туткаа старата хартија. Ме прегрна и двата стоевме во тишина некое време.

Писмото на татко ми ја насмеа неколку минути подоцна. Се смиривме и зборувавме за него. Таа ми ги кажа некои од неговите најексцентрични навики, како што беше јадење салами со јаготки. Некако, чувствував дека седи со нас. Јас, мајка ми и делче од татко ми, делче останато за нас, делче хартија. Се чувствував добро.

Не помина долго време пред да го прочитам писмото „Кога ќе ја изгубиш невиноста“

Честитки, сине.

Не се грижи, станува подобро со текот на времето. Секогаш е лош првиот пат. Мене ми се случи со грда жена која исто така беше проститутка.

Мојот најголем страв беше дека ќе ја прашаш мајка ти што е невиност откако ќе го прочиташ насловот.

Со љубов, тато.


Мојот татко ме следеше низ целиот мој живот. Беше со мене дури и тогаш кога не беше близу. Неговите зборови правеа се` што другите не можеа да направат. Секогаш пронаоѓаше начин да стави насмевка на моето лице кога работите изгледаа мрачни или да ми го разбистри умот кога бев лут.

„Кога ќе се ожениш“ ме направи навистина емотивен. Но не толку многу колку „Кога ќе станеш татко“.

„Ќе сфатиш што е вистинска љубов сине. Ќе сфатиш колку ја сакаш, но вистинската љубов е нешто што ќе го чувствуваш за тоа малечко суштество. Не знам дали е момче или девојче.

Уживај, забавувај се. Тоа е една од најубавите работи. Времето ќе ти летне, па затоа погрижи се да бидеш присутен за се`. Никогаш не пропуштај нитуеден момент, бидејќи тие не се враќаат назад. Менувај пелени, бањај го бебето, биди пример за твоето дете. Мислам дека можеш да бидеш неверојатен татко“.

Најболното писмо кое морав да го прочитам беше и најкраткото кое го напиша татко ми. Додека ги пишуваше овие четири зборови, верувам дека страдаше многу повеќе колку што јас страдав во тој момент. Ми требаше време да се одлучам да го прочитам, но на крај го отворив „Кога ќе ја немам мама“.

„Таа е моја сега“.

Шега. Шега во која се криеше неговата тага со насмевка. Беше единственото писмо кое не ме насмеа, но можев да ја видам причината.

Секогаш го одржував договорот со мојот татко. Никогаш не ги читав писмата пред време. Со исклучов на писмото „Кога ќе сфатиш дека си геј“. Бидејќи никогаш не мислев дека ќе дојде време да го отворам писмото, го прочитав веднаш. И беше едно од најсмешните.

„Што можам да кажам? Мило ми е што сум мртов.

Сега, шегата настрана, тоа што сум половина мртов ме натера да сфатам дека се грижиме премногу за работи кои не се многу важни. Дали мислиш дека тоа менува нешто, сине?

Не биди будалест. Биди среќен.“


Секогаш го чекав следниот момент, следното писмо. Следната лекција која татко ми ќе ме научи. Неверојатно е што 27 годишен човек може го научи 85 годишен човек како мене.

Сега, кога лежам во болничкиот кревет, со цевки и инфузии благодарение на проклетиот рак, го држам единственото писмо кое не сум го отворил. Реченицата „Кога ќе дојде твоето време“ едвај се гледа на хартијата.

Не сакам да го отворам. Исплашен сум. Не сакам да верувам дека дојде моето време. Станува збор за онаа надеж, која те тера да веруваш дека нема да умреш.

Зедов длабок здив и го отворив.

„Здраво сине. Се надевам дека сега си стар човек.

Знаеш, ова писмо беше најлесно да се напише и го напишав прво. Беше писмото кое ме ослободи од болката што ќе те изгубам тебе. Мислам дека умот станува појасен кога си толку близу до крајот. Полесно е да се зборува.

Во текот на моите последни денови тука размислував за животот што го имав. Имав краток живот, но многу среќен. Бев твој татко и сопруг на твојата мајка. Што друго би можел да побарам? Ми даде мир. Сега и ти направи го истото.

Мојот совет до тебе: не треба да се плашиш.

П.С. Ми недостигаш“
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот