X
 28.01.2017 Живот

Како мојата ќерка ми го спаси животот?

Тревис Чамберс, сопственик на креативната агенција „Чамбер медиа“ во Лос Анџелес, на неговиот линкдин-профил објави пост за неговата кариера и татковство. Многу брзо постот започна масовно да се споделува на оваа платформа, а откако ќе го прочитате ќе ви стане јасно зошто. Ви го пренесуваме во целост.

„Мојата кариера беше на врвот. Бев милениумска ѕвезда. Моето големо преценување на сопствениот талент и вредности и стереотипното менување на компании секоја година делуваше како добра стратегија. Секогаш повеќе вредев за некој друг, без оглед на тоа дали бев спремен за таа работа или не. На крајот, токму оваа стратегија ме закочи.

Заработував плата со шест цифри, бев креативен директор и ги водев социјалните мрежи за промоција на филмови од „Сенчри фокс“. Го работев токму она што го посакував уште од мал кога на 12 годишна возраст на родителите им реков: „Сакам да бидам оној човек кој прави реклами за филмови“. Бев чудно дете.

Работев многу, преку 70 часа неделно, тотално надвор од паметот, но одлучив дека ќе бидам таков се` додека не го реализирам она што го сакам. Тогаш на свет дојде моето прво дете. Се` излезе од контрола. Бидејќи бев нов, не можев да земам слободни денови на работа. На мојата жена паднаа 90 отсто од сите обврски кои одат со детето. Јас добивав барања за работа во 11 часот навечер кои требаше да бидат готови во 8 часот наутро - работев до два часот наутро секоја вечер, а денот го започнував во 6 часот наутро, вклучувајќи ги и викендите. Сонот за работа во Холивуд стана кошмар поради тие неодоливи девојчиња.

татко ќерка
Фото: Freepik

Поради тоа неодоливо девојче сфатив колку сум очаен на работа, колку е неважна мојата работа на 30-та верзија на „Твитер“ за филмот „Исчезната“ на Дејвид Финчер, чие сценарио толку го презирав што всушност никогаш не го ни гледав филмот.

Тоа неодоливо девојче апсолутно ја убиваше мојата кариера. Не можев повеќе да бидам фокусиран, постојано измислував извинувања поради лошиот перформанс, не бев внимателен за време на конференциските повици и често ги игнорирав повиците кои морав да ги извршам. Бев исцрпен. Го изневерив и мојот работодавец, и мојата жена. Мојот живот беше катастрофа и пропуштав се` прво во животот на мојата ќерка.

Добро, ме отпуштија нежно и на многу пристоен начин и ми дадоа убава отпремнина. Тоа беше најдоброто нешто што можеше да ми се случи. Сега кога покрај себе го има тоа магично мало суштество, се` што сакам е да се грижам за неа. А и имав три месеци покриени трошоци за живот и доволно време да видам што ќе направам со својот живот.

Работата која ја започна мојот пријател Џејк Ларсен започна да му носи заработка. Се чинеше дека е среќен и слободен. Ја сакав таа слобода повеќе од било што. Ја прочитав книгата „100 долари стартап“ и сфатив дека не морам да основам масивна фирма со пари од некој инвеститор за на моето мало девојче да ѝ овозможам сѐ што ѝ е потребно.

Основав агенција. Започнав да се јавувам на сите луѓе кои ги знам и да им нудам сѐ што ми паѓаше на памет. Поминаа три месеци кога го добив првиот клиент за кампања во траење од три месеци. Беше чудо. Месец дена подоцна, добив уште еден клиент. Се чинеше како сите во мојата професионална мрежа чекаа да видат дали ќе пропаднам или не.

Потоа започнаа да доаѓаат клиенти, па така помина првата година. Имавме добар приход - само јас работев полно работно време, додека партнерите работеа после нивното работно време. Функционираше така некое време, тие не сакаа да направат скок во непознато, па се разотидоа.

Вработив еден човек. Потоа друг. Во втората година реализиравме повеќе приходи, удвојувајќи ја заработката квартал по квартал. Нашата работа ја пренесуваа „Мешбл“, „Базфид“, „Адвик“ и „Форбс“, зборував на многу настани, тоа што го започнав функционираше прилично добро. Не можев да си верувам. Работата доаѓаше од никаде и се создаваше на најневеројатни места.

А најдоброто од сѐ? Повеќе не се грижев за престиж. Не се грижев за сопствената важност, за мојата титула, социјалниот статус - единствено ми беше важно доволно да заработам за моето девојче и да направам сѐ за таа да биде среќна. И таа промена во парадигмата создала престиж кој ни за наредните 10 години на мојата поранешна холивудска работа не би можел да го достигнам.

Признавам, поголемиот дел од времето бев расеан, но ретко работев повеќе од 50 часа неделно. Мојата принцеза секој ден ја носев на базен, мојата жена повторно имаше време да се врати на своите хобија, отидовме во Европа на две недели, го посетивме Орегон, повторно ја посетивме Европа, отидовме на Хаваите, а во Дизниленд бевме скоро секоја недела. Станав почитуван пријател и вистински член од семејството. Ги однесов татко ми и брат ми на наше машко патување во Дет Вали.

Тоа прекрасно, забавно, магично и мистично мало суштество ми го спаси животот. Таа донесе исполнување; таа беше огромна огнена топка која го уништи солитерот кој го претставуваше мојот живот. Го трансформираше во малечко селце полно со пријатели, семејство, добро здравје и мир. Ако мислите дека дојде време да ја уништите вашата кариера и да си го спасите животот, можеби ви е потребно дете.

Автор: Тревис Чемберс
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот