X
 04.10.2017 Култура

Наградата „23 Октомври“ нема да се додели годинава – за понатаму ќе одлучува Собранието

Поради блокирањето на собраниската комисија за избори и именувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ненавремено спроведување на изборот на Одборот за доделување на наградата во Собранието на Република Македонија и другите постапки поврзани со распишувањето на конкурсот, годинава не може да се додели државната награда „23 Октомври“ во 2017 година – соопшти Министерството за култура



По десет години откако е востановена, годинава нема да биде врачена државната наградата 23 Октомври, која Министерството за култура ја доделуваше за остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија. Наградата не се укинува, бидејќи ресорното министерво нема мандат за тоа. Одлука за укинување донесува Собранието на Република Македонија, истата институција кој ја востановува наградата, појаснуваат од министерството.

- Поради блокирањето на собраниската комисија за избори и именувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ненавремено спроведување на изборот на Одборот за доделување на наградата во Собранието на Република Македонија и другите постапки поврзани со распишувањето на конкурсот, годинава не може да се додели државната награда „23 Октомври“ во 2017 година – соопшти Министерството за култура.

Во образложението се појаснува дека наградата ја доделува Одбор составен од претседател и 12 члена, кој распишува конкурс и донесува одлука за доделување на наградата, според Законот за државните награди. Двегодипниот мандат на послениот Одбро завршил на 16 февруари годинава. Според Законот за државни награди, Министерството за култура како носител на стручните и административните работи ја покренува иницијативата за именување на нов состав на Одборот.

- Заради навремено реализирање на постапката за доделување на наградата: рокот за распишување на конкурсот (април), поднесување на иницијативи и формирање на стручни комисии и тела, Министерството за култура (Одделение за државни награди) покрена иницијатива за благовремено именување на нов состав на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“. Со оглед на тоа дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието на РМ во тој период не беше формирана, Одделението за доделување на државни награди бараше мислење од Министерството за правда и од Антикорупциската комисија за тоа дали тогашниот одбор за државната награда „23 Октомври“, на кој мандатот им престана на 16 февруари, може да ја продолжи својата работа, сè до именување на нови членови. Од обете институции се доби одговор дека не се надлежни во врска со ова прашање. Новата Влада беше именувана на 30 мај годинава. Поради претходната блокада на собраниските комисии од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, веќе беа пробиени законските рокови и за конкурсот кој трае 1 до 30 април и за донесување Одлука. Поради сите наведени причини, оваа година нема законски можности за доделување на државната наградата „23 Октомври“ – се вели во соопштението.

На прашањето дали министерството планира да иницира укинување на оваа награда, Петрит Сарачини, советник за односи со јавност во Министерството за култура вели:
- Одговорот ќе го најдеме во стратешките определби за долгорочната стратегија во културата. А во рек се јавните расправи за стратегијата. Експертите ќе си го кажат својот став – вели Сарачни.

Наградата е воставеновена во 2007 година, кога беше и првпат доделена, на Танас Вражиновски, Тахир Зајази и Гане Тодоровски. Во наредните години наградата ја добија Марко Китевски, Зоран Тодоровски, Ташко Георгиевски, Петар Темелковски и Милош Коџоман (2008), Михајло Георгиевски, Родољуб Анастасов и на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ (2009), Живко Попов, Авзи Мустафа, Иван Чаповски (2010), Паскал Гилевски, Коле Манев и Томе Неновски (2011), Владимир Георгиевски и Халил Зендели (2012), Ана Дурловски, Џабир Ахмети, Михаил Ренџов и Ставре Димитров-Стадим (2013), Анастасика Попоска, Милош Линдро, Доне Милјановски, Димитар Узунски и Македонската филхармонија (2014), Стефан Хаџи-Николов, Фејзи Бојку и Костадин Костадиновски (2015) и Драган Даутовски, Ванчо Петрушевски и Реџаи Исени (2016).
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура