X
 03.03.2019 Живот

„Оскари“ 2019: Цитати од најинспиративните говори

Освен лудите моменти на црвениот тепих и гламурозните фустани, доделувањето на „Оскарите“ честопати е шанса актерите со своите говори да ги инспирираат фановите.

Дел од нив повикуваат на социјална и политичка промена, како Спајк Ли, кој ја поттикна публиката да се „мобилизира“ пред претседателските избори во 2020 година.

Други, како Оливија Колман, издвоија време да им се заблагодарат на најблиските и најдрагите.

Ова се некои од најинспиративните говори од оскаровската ноќ.

oskari
Фото: Getty Images


1. „Дадов сè од себе, а тоа беше доволно добро“ - Хана Бичлер

Хана Бичлер создаде историја бидејќи стана првата Афроамериканка што освои „Оскар“ за продукциски дизајн за нејзината работа во „Црниот пантер“, заедно со Џеј Харт.

Таа му се заблагодари на режисерот Рајан Коглер затоа што ѝ дал „безбеден простор“ и „братство“, а упати порака и до наредната генерација.

- Им ја давам силата на сите оние што доаѓаат да продолжат, да не се откажуваат. Кога ќе помислите дека е невозможно, сетете се и кажете си го овој совет што го добив од една мудра жена: „Дадов сè од себе, а тоа беше доволно добро“.

2. „Бидете херои на сопствените приказни“ - Констанц Ву

Кога разговараше со Рајан Сикрест на црвениот тепих, Ву го опиша филмот „Лудите богати Азијци“ како историски момент.

- За младите жени денес, да им се дозволи да знаат дека можат да бидат херои на сопствените приказни и нивните приказни да се достојни и интересни и луѓето да сакаат да ги знаат... тоа за мене има големо значење - рече таа.

3. „Копнееме по вакви приказни“ - Рами Малек


Кога Рами Малек го доби „Оскарот“ за најдобар актер во главна улога за неговата глума во „Боемска рапсодија“, рече дека филмот може да понуди надеж за оние што се борат со својот идентитет.

- Создадовме филм за хомосексуалец, имигрант, кој го живеел животот без пардон. Фактот што го славам него и оваа приказна е доказ дека ние копнееме по вакви приказни - рече Рами.

4. „До сите девојки-бубалици што се кријат зад нивните цртежи, не плашете се!“ - Доме Ши


Кинеско-канадската аниматорка Доме Ши доби „Оскар“ за најдобар краток анимиран филм за нејзиното режисерско деби „Бао“. Дизни-Пиксар филмот беше широко прифатен од многу азиски заедници затоа што ги претставува нивната култура и наследство.

- До сите девојки-бубалици што се кријат зад нивните цртежи, не плашете се да им ги кажете вашите приказни на луѓето светот. Ќе ги исплашите, но веројатно ќе се поврзете со нив и тоа е неверојатно чувство - изјави Ши.

5. „Да имаш сон е лесно, да го оствариш е тешко“ - Серена Вилијамс


Иако Серена Вилијамс не е актерка или пејачка, сепак знае како е да се биде ѕвезда.

- Кога сме млади, сите имаме соништа за тоа што сакаме и можеме да постигнеме во животот. Да имаш сон е лесно, но да го оствариш е тешко. Луѓето се соочуваат со напливот на слава, притисокот од успехот и болката што доаѓа со жртвувањето на љубовта за кариерата или кариерата за љубовта - изјави таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот