Оваа година на 60-тото доделување на американските музички награди „
Греми“ ќе настапи Лејди Гага, Мајли Сајрус ќе пее во дует со Елтон Џон, ќе се појават и Карди Би и Бруно Марс, „Ју-ту“, Пинк, Кендрик Ламар, Кеш...
Што се однесува до номинациите, рекордер е Џеј Зи, кој за албумот „4:44“ доби осум номинации. Следуват Кендрик Ламар со седум за „DAMN“ и Бруно Марс со шест за „24K Magic“.
Но, што е со другите рекордери?
Најмногу номинации за „Греми“ во историјата има Бијонсе, која досега собрала вкупно 62. Од нив освоила 22 „Греми“, што ја ставаат на второто место на најнаградувани женски изведувачи.
На првото место се наоѓа кантри и блуграс пејачката Алисон Краус, која има вкупно 27 награди. Првата ја освоила во 1990 година за најдобрата блуграс песна „I`ve Got That Old Feeling“, а последната во 2012 година, за најдобар блуграс албум „Paper Airplane“.
Бијонсе и Адел делат рекорд за најмногу статуетки освоени во една вечер – секоја своевремено освоила по шест.
Сепак, најмногу награди „Греми“ во историјата досега добил унгарскиот диригент Георг Шолти. Тој има освоено 31 награда.
Шолти беше маестро на чикашкиот симфониски оркестар, музички директор на операта во Ковент Гарден, главен диригент во Парискиот оркестар, директор на салцбуршкиот Велигденски фестивал и главен диригент на лондонската Филхармонија. Шолти почина во 1997 година, а истата година ја доби и последната „Греми“ награда за најдобра снимка на операта „Wagner: Die Meistersinger von Nürnberg“.
Голем број награди поседуваат и Квинси Џоунс, кој освоил 27 награди во повеќе од 10 категории, францускиот композитор Пјер Булез со 26, Стиви Вондер со 25 и Џон Вилијамс со 23 награди.