X
 04.11.2017 Образование

Резултат од рекламирањето во градинките: тригодишно дете лапнало неколку витамини наменети за адолесценти





Примероци од пасти за заби, витамини, овошни јогурти, смоки и детски инстант-каши, пробиотици, курсеви за странски јазици, за спортски активности. Со најразлични рекламни кампањи децата се бомбардирани во градинките во земјава од најмала возраст.
Родители се револтирани и сметаат дека е недопустливо ова да се прави во образовни институции без нивно знаење и дозвола. На социјалната мрежа „Фејсбук“ мајка напиша дека е крајно револтирана од овие маркетинг-кампањи што се вршат врз малолетни деца, без присуство на родител, а притоа во образовна институција. Конкретно се работи за градинка од Општина Карпош. На нејзиниот пост се надоврзаа и родители чии деца учат и во други градинки во повеќе општини. Ова значи дека рекламирањето во градинките не е изолиран случај само во една општина.
- Досега имавме неколку такви „настани“ во просториите на градинката каде што се вршеше директен маркетинг врз децата за одреден продукт или бренд. Се распрашав и дознав дека дозволите да се рекламираат во градинките на фирмите им се делеле од општина. Имате ли некое сознание како може да се покрене некоја постапка оваа практика да се прекине - напиша мајката и потенцира дека повеќе родители се бесни на оваа постапка.

Рекламирање е дозволено со амин од директор

Друг родител коментира дека ниту општината ниту некое од министерствата има право да одлучува во нивно име на какви рекламни кампањи ќе им биде изложено детето.
- Јас одлучувам каде ќе го однесам своето дете и што ќе му претставам како здраво или корисно. Тоа, секако, не смее да го одлучува општината или градинката, особено кога станува збор за нездрави намирници.
Во изминатиот период на мали дечиња во неколку градинки им се нуделе промотивни материјали и примероци од витамински таблети. Проблемот е што истите се наменети за деца над 14 години, а им биле нудени на помали дечиња.
- Додека стигнавме дома, кога успеав да прочитам за што се работи, ќерка ми лапна три од нив. Не сфаќам како овие таблети завршиле во рацете на три и полгодишни деца - вели еден родител.
Дали ваков тип рекламирање е дозволено во градинките? Ова прашање го поставивме до Министерството за труд и социјална политика под чија надлежност се градинките. Оттаму ни одговорија дека не постои законска пречка ако за рекламирањето е добиена дозвола од управителот.
 - Може да се рекламираат производи во градинките ако тоа е во договор со управителот. Но, тоа не смее да биде во спротивност со Конвенцијата за правата на децата и постојните законски прописи. Се разбира дека директорите треба да знаат за каков производ станува збор и дали има некаква злоупотреба на децата – ни одговорија од кабинетот на министерката Мила Царовска.

Рекламирањето во градинки и образовни институции е неетичко и погрешно

 


Тамара Јованов, професорка по маркетинг на Економскиот факултет од Штипскиот универзитет, објаснува дека во капиталистичкото општество во кое живееме, за жал, е неизбежно и децата да бидат таргет-група на компаниите. Сепак, ова прашање, бидејќи се работи за специфична група (сѐ уште недоволно образовани, неискусни, без изградени ставови за себе и за животот воопшто), потребно е особено внимание во практикувањето на маркетинг-активностите од страна на компаниите.
- На темата влијанија и последици од промотивните кампањи врз децата како потрошувачи се правени многубројни истражувања. Најголем дел од нив, како и оние на Американската академија на педијатрите и Американската асоцијација на психолозите, кои се најактивни во следење на темава, покажуваат дека промотивните кампањи имаат значително и неретко негативно влијание (намалена самодоверба, развој на лоши навики) врз децата. Имено, кај деца под осумгодишна возраст е уочено дека се ментално недораснати за критичко следење и интерпретирање на промотивните пораки. Децата до шестгодишна возраст покажале тешкотии во одделувањето на содржината на промотивните пораки од друг вид забавни содржини – вели Јованов.
Според тоа, може да кажеме дека децата се многу посклони кон лесно прифаќање на пораките како вистинити, точни и непристрасни, во споредба со возрасните. Ова ги прави полесно подложни на нивното влијание, без притоа да бидат свесни за намерата за убедување што пораките ја содржат во себе, смета таа.
- Затоа, промотивните кампањи наменети за децата како целна публика треба да бидат строго регулирани и ограничени, за да се исполни потребата од соодветна заштита на најмладите од потенцијални штетни влијанија – објаснува професорката.
Нејзино лично и професионално мислење е дека практиката за промовирање на понудите на компаниите по градинки и други образовни институции, иако не е нелегална според постојните регулативи, сепак, во најмала рака е неетичка и погрешна.
- Покажува дека компаниите се далеку од примена на општествена одговорност и дека не избираат кои тактики ќе ги применуваат за постигнување на целта за повисок профит. Образовните институции треба да служат примарно за создавање свесни, образовани индивидуи кои пред сѐ треба да имаат улога на граѓани во општеството, а не на консументи. Негативното во овој начин на промовирање е можноста за злоупотреба на довербата што децата ја имаат во учителите, наставниците, како нивни авторитети, бидејќи со нивно посредство бариерите за прифаќање информации се уште понамалени. Исто така, во вакви случаи целосно отсуствува контролата од страна на примарниот давател на негата - родителите. Веројатноста за злоупотреба на оваа ситуација е премногу голема за да биде занемарена – вели Јованов.

Децата се посебна категорија на потрошувачи и треба да бидат заштитени

Таа смета дека се потребни промени на повеќе нивоа, прво дополнување во Законот за заштита на потрошувачите или, уште подобро, креирање нов закон.
- Измените треба да се однесуваат на вклучување нов дел во Законот кој детално ќе ја регулира заштитата на децата како посебна категорија на потрошувачи. Засега децата се споменуваат само во делот за заведувачко рекламирање (со една реченица) и во делот кој ја регулира безбедноста на детските играчки. Земајќи го предвид фактот дека тие станаа целни потрошувачи на сите категории на производи - од производи за широка потрошувачка до луксузни производи, сегашната заштита што ја обезбедува постојниот Закон воопшто не е доволна – смета таа.
Исто така, предлага и поголема и поефикасна координација и комуникација меѓу постојните институционални тела и организациите што се задолжени за посредување во уредното спроведување на регулативите.
- Дополнително, под притисок на јавноста и медиумите, треба да се издејствува воведување на кодекс на однесување во компаниите, кој ќе пропишува општествено прифатливи стандарди за маркетинг-комуникации. На крај, но можеби од најголемо значење е задоволувањето на потребата од дополнителна едукација на населението (вклучително и децата) за неговите потрошувачки права, со цел полесно уочување на прекршувањата и навремена реакција – завршува Јованов.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование