X
 17.05.2016 Живот

Македонка раскажува за искуствата од градинките во Австралија

За почеток доволно е студентите да одат почесто и редовно на пракса во мали групи, дворчињата да се средат и се разбира да се вработат повеке воспитувачки. Бидејки можеме да работиме парт тајм додека студираме. Ова може да биде многу корисно доколку се спроведе во нашите градинки, вели нашата читателка Билјана Василева



Ангажирање на студентите од Педагошките факултети во градинките со скратено работно време, уредување на дворовите, удобна секојдневна облека на воспитувачите, повеќе часови поминати надвор и на крај, вработување на повеќе воспитувачи се добар почеток на промените во нашите градинки, вели нашата читателка Билјана Василева.

Повод за разговорот е текстот дека децата во нашите градинки поминуваат надвор многу малку време, иако Македонија е земја во која најголем дел од деновите се сончеви. Текстот привлече големо внимание и предизвика дебата за проблемите во институциите каде се згрижуваат нашите деца. Еден од најголемите е проблемот со малиот број на воспитувачи од една, и преголемиот број на деца од друга страна. Се случува по една воспитувачка и негувателка да се грижат за 40 деца.

Билјана Василева раскажува за своите искуства. Таа завршила Педагошки факултет (насока: воспитувач) во Битола пред десет години, но не успеала да зе вработи во Македонија. Во меѓувреме, завршила курс од седум месеци во приватен институт во Сиднеј MEGT Institute, Австралија, специјализиран за интернационални студенти.

- Се здобив со Certificate III of Earlychildhood education and care. Тоа е основниот курс кој секој треба да го поседува за да работи во детска градинка. Доколку се заврши Diploma of Early Childhood Education, тогаш имам право да аплицирам за директор на градинка. Имавме предавања без класичен испит туку со интеракција, решавање тестови и пракса, одредена од Институтот – три пати по две недели во една градинка.



Така градинките имаат корист што ние не сме платени за време на праксата, а работиме по 8 часа и со тоа се здобиваме со практично надградување на професијата и стекнување искуство кое веднаш можеме да го употребиме.

Факултети.мк: Велите дека според законите на Австралија, една воспитувачка може да се грижи најмногу за 5 деца. Колкави се најчесто групите во градинките и дали се почитува Законот?

- Законот се почитува. Доколку една од воспитувачките е болна или од друга причина не може да дојде на работа, тогаш градинката се јавува во агенција која посредува за работа со деца. Во таа агенција (преку која работев и јас) се вработени на повик - on call educators. Тоа значи дека можат во секое време да ни се јават во текот на денот и да изработиме цела, половина смена или неколку часа. Тоа се претежно студенти или едноставно воспитувачки кои сакаат да работат on call затоа што имаат послободен стил на работа и живеење. Ова би бил успешен модел кај нас, доколку студентите од нашите факултети интезивно ги ангажираат на пракса со пет деца во група, а со тоа и градинките ќе имаат олеснување. Најдобрата варијанта е сепак државата да вработи по една воспитувачка на пет деца. Инаку, на децата им правевме катчиња за активности што значи во исто време повеќе групи извршуваат различни работи. Најважно од се е што негувател и воспитувач е исто. Не се поделени. Има само главна на цела соба во една група, т.н. room leader. Секоја од нас беше одговорна за чистење, заспивање, поставување ужинки, менување пелени што и воопошто не беше лесно. Напорно е и затоа носевме спортска гардероба. Воедно за децата е пријатна атмосферата.

Ентериерот на собите е како домашна атмосфера со теписонче, двосед, рамки со слики. Целта е децата да се чувствуваат како дома. Во една група најмногу може да има од 15 до 18 деца.

Факултети.мк: Колку чини месечно детето да престојува во јавна градинка?

- Постојат повеќе варијанти на детски престој. Целодневен, долг престој на деца (long day care) од 0 до 5 години трае 10 часа, а чини околу 150 долари од ден за едно дете. Јавните градинки не се државни - или се приватни или се непрофитни организации. Има и family day care каде државата обезбедува средства за дома, кој сака да си отвори еден вид мала игротека за помал број на деца. Така се плаќа околу 15 долари од час. И стандардите babysitung што се плаќаат по 20 долари од час.

Факултети.мк: Како паралела, колкава е просечната плата на воспитувачките?

- Просечна плата на воспитувачката е околу 3.000 австралиски долари ако е вработена со цело вработно време, или другата опција, part time или on call - 26 долари од час.

Факултети.мк: Дали Австралијците инсистираат на тоа децата да минуваат што е можно повеќе време навор?

- Заради топлото време во поголем дел од годината, Австралијците го поминуваат поголемиот ден од времето со децата надвор, во парк, во двор, претежно живеат во куќи. Се разбира и градинките се градени како куќи и се заштитени со огради. Сите имаат шифра на вратите и дворчињата. Се е креирано во природна средина со песок, градина, мини-кујна од дрво, за игри на улоги. Кога врне дворот се покрива со тенда и децата после дождот повторно си излегуваат надвор. Децата намерно треба да се валкаат додека си играат, тоа е сосема нормално. Родителите се задоволни со оваа програма што е докажана како најприфатена за правилен развој на децата. Инаку повеќето од родителите ги носат децата само по три дена затоа што во Австралија поголем дел од родителите работат парт тајм.

Факултети.мк: А колку време децата поминуваат надвор додека се во градинка?

- Секоја градинка има двор во кој децата поминуваат повеќе од 3 часа. Во дворот имаат активности по избор: игри со песок, играње улоги, дрвени коцки, реквизити за моторички движња, боење и изработка на предмети од хартија. Оброците им се нутриционистички. Развојот на детето се насочува спрема индивидуалните интереси кон одредена активност. Нема форсирање на децата. Родителите имаат право да одлучат колку дена во неделата ќе го носат детето. Пријатен тон на комуникација со секое дете е задолжително. Пишувавме извештај секој месец, за секое дете и им го дававме на родителите. Во него го опишуваме степенот на развој на детето потенцирајќи го она во кое детето покажало интерес, талент, знаење.

Факултети.мк: Сметате ли дека овие Ваши позитивни искуства може да се имплементираат во нашиот систем?

- Да, сметам дека има можности. За почеток доволно е студентите да одат почесто и редовно на пракса во мали групи, дворчињата да се средат и се разбира да се вработат повеке воспитувачки. Бидејки можеме да работиме парт тајм додека студираме. Ова може да биде многу корисно доколку се спроведе во нашите градинки. Во исто време студентите ќе имаат практично искуство во комбинација со теорија, а и за градинките ќе им биде олеснување да се справат со многуте деца.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот