X
 28.12.2017 Образование

Средношколка од Гевгелија наградена за есеј посветен на Марија Кири во Франција

Ученичката Марија Павлоска во трета година во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија доби Награда за франкофонско пријателство – наука и јазик за својот есеј на тема „Писмо до Марија Кири“. Натпреварот го организира Меѓународната организација за франкофонија во соработка со француското министерство за култура, а бил наменет за професори и наставници франкофони. Павлоска, сепак, била наградена како исклучително талентирана ученичка.
Натпреварот беше организиран во Франција по повод 150 години од раѓањето на големата научничка. Ментор на Марија ѝ беше нејзината професорка по француски јазик Мирјана Чамџиќ. На натпреварот учествуваа ученици и професори од 22 држави.

Марија Павлоска заедно со својата менторка проф.Мирјана Чамџиќ

Ave Maria, моја мила и Богородична имењачке!

Ти пишувам од иднината што ти ни ја завети, како сурова сегашност каде што ракот, нуклеарните игрички и зрачењето се почесто употребувани зборови од кроасанот или парфемот, кои ја одбележаа твојата втора татковина, Франција. Велат дека си била атеистка, родена и воспитувана меѓу католици. Можеби си немала време за Бога, но, Тој секако бил таму во скромната шупа кога си ги откривала новите Божји честички. Нималку случајно, ти си евангелие на новото време, кое прилично и не го запозна. Да не ти е жал што не си повеќе жива, ти пожива од живите на овој свет! Само да знаеш, колку многу луѓе ја трпат твојата болест, која денес се нарекува леукемија! Биди среќна што не гледаш како човештвото си игра со твојата радиоактивност, која ти наивно си ја носела в џеб. После тебе, пионерке и двократна добитничке на Нобеловата награда, и други жени го освоија светот на мажите. Но, после тебе, Мадам, сите други се втори...
Твојата гласна фотографија е ономатопеја на сите непроспиени ноќи, на убиеното варшавско детство и заобиколената младост. Во таа црно-бела фотографија, во суптилен контраст, се кријат денот и ноќта на твојот избрзан живот. Би сакала да знам, што е ден, а што ноќ... Не сум сигурна дали си живеела дење, а си умрела ноќе, или обратно? Не познавам ниту една жена која би сакала и која би можела да го изоди твојот долг, краток пат. Можеби ти, единствено, ако повторно се родиш...


И ако случајно се појавиш од некоја временска капсула, ќе го видиш светот за кој никогаш не си сонувала и не си живеела. Твојата родна земја Полска се гордее со тебе, а и многу други земји од нашиот славјански род. Секое училиште или факултет каде што се изучува хемијата го носи твоето име, роднино по род! Ти си шопеновски растргната меѓу двете татковини. За википедиски поткованите генерации, сѐ уште важи шекспировската дилема: Дали си ти полска Французинка или француска Полјачка? Која и да си и што и да си, твојот тестамент е трајно запишан во Периодичниот систем на елементите. Некои научници сѐ уште го дополнуваат со некои елементчиња, кои природно не постојат, а кои учениците не можат да ги дозапамтат. Ех, моја Маре, тебе ти било лесно со твојот гениј, но ќе се зачудиш колку луѓе елементарно не го познаваат воздухот што го дишат, ниту водата што ја пијат. Немој да се лутиш и ако разбереш дека и многу луѓе никогаш не слушнале за тебе. Нѐ има многу, сега сме 7 милијарди. Но, за радиоактивноста речиси сите знаат. Многумина, за жал, ја почувствуваа на себе и сфатија кога беше доцна. Да не се изненадиш, колку штикли и здолништа сега се шетаат низ Сорбона, училиштето што некогаш се сомневаше во женскиот ум. Сигурна сум дека тоа може само да те радува. Имам и други убави вести за тебе...
Феминизмот на Коко и други културолошки револуционерки речиси е надминат. Жените носат панталони, сѐ помалку готват, а твојата нефарбана и седа коса и историските брчки на твоето лице би биле естетски скандал... Ова е свет на парите и капитализмот, па сета наука и култура се во заробеништво на тој суров свет на милијардни бројки. Ќе бидеш разочарана колку твои колеги од светот на науката го лицитирале своето име и потпис за ниските цели на војните и новиот светски поредок.


Ќе се радуваш кога ќе видиш дека денес врз љубовта не се фрла општествена анатема, како во твојата младост. Сите се љубат и никој не се чуди повеќе поради тоа, било да е анонимус, претседател било крал. А леукемијата што те уби тебе, прилично успешно се лекува, благодарение на матичните клетки. Твоето сиромашно его на раскошен ум добро ќе го поднесе овој „пораз“ бидејќи радиотерапијата за која се залагаше се покажа како остар меч со две сечила. Речиси за еден век, откако те нема на овој свет, се изумија многу генијални и исто толку глупави направи, што од тебе, ми е срам да ги наречам изуми. Човекот, со кого сигурно ќе се гордееш, ја освојува вселената. Ние стапнавме на Месечината, а велат дека наскоро ќе сме се преселувале на Марс. Во меѓувреме, Земјата интензивно се пустоши поради себичното геоцидно дејство на човекот, со кого нема да се гордееш.
Антибиотиците се продаваат како бонбончиња... Тоа се хемиски материи со кои прилично успешно водиме војна со микроскопските непријатели, од кои ти ги загуби својата сестра и мајка. Туберкулозата од која почина мајка ти е речиси искоренета, благодарение на вакцините. Но, не радувај се премногу зашто морам да те разочарам дека ние добивме други, нови болести.
За интернет-технологиите нема да ти зборувам, не знам дали би ме разбрала, иако сигурно знаеш за Александар Бел и за Никола Тесла, кој, после Творецот, е најголем творец на сите времиња. Секако, разни човечиња и умислени величија изумија илјадници дреболии, како држачи за пенкала, и напишаа разни прирачници за глупави нешта, но нема да те заморувам со тоа.


И конечно, да ти признаам дека после Светото Семејство, вие Кириевци сте најславното семејство во светот. Откривајќи ги смртоносните тајни на материјата, ти си била љубовница на својот славен сопруг и мајка на своите исто така славни ќерки. Во мојата земја се вели дека крушата под круша паѓа, што значи дека твојата ДНК успешно се реплицирала во гението на твојата ќерка Ирена. Извини, заборавив дека не си слушнала за ДНК, но како хемичар, сигурна сум дека многу би те интересирала оваа сложена молекула, која е одговорна за сите наши убавини, слабости, недостатоци, па дури и болести.
Имам уште многу да ти раскажувам, име мое... Но, остатокот ќе ти го раскажам со длабок поклон пред твојот гроб, кога ќе дојдам во Париз. Ако ја добијам оваа награда... дури и ако не ја добијам, можеби некогаш ќе имам можност. Ќе ти донесам свежо цвеќе од градината на мојата баба, која, по некоја случајност, исто така се вика Марија. Не е тоа холандско лале, ниту пак, црна роза од Анадолија или некој скапоцен хибрид. Ќе наберам обичен цвет каков што имало сигурно и во градината на твојата баба. Пантеонот каде што почиваш со великаните на Франција ќе замириса на јорговани. По време, тие ќе се исушат, полониумот и радиумот ќе се полураспаднат, но ти, Мадам, ќе останеш една бесмртна дама...
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование