Многу нешта што биле затрупани со слоеви мраз со текот на годините биле ископани: древни алатки, остатоци од животни, авиони од Втората светска војна, па дури и вулкани.
Во април 2024 година над Гренландскиот леден покрив, Чад Грин, научник од НАСА открил нешто што никој не го очекувал - тајна воена база. Откако со радар ја снимил ледената површина, Грин забележал нешто што подоцна било потврдено како „Камп Сенчри“, воена база од Студената војна, стара 65 години, закопана 30 метри под мразот.
- Ја пребарувавме подлогата под мразот, а одеднаш се појави структурата на „Камп Сенчри“. На почетокот не знаевме што е тоа - вели Алекс Гарднер, научник во Лабораторијата за млазен погон на НАСА, кој учествувал во проектот.
Изграден тајно помеѓу јуни 1959 и октомври 1960 година од страна на Инженерскиот корпус на американската војска, „Камп Сенчри“, познат и како „Град под мразот“, се состоел од 21 подземен тунел со вкупна должина од речиси 3 километри. Грин вели дека на радарските снимки јасно се гледаат поединечните структури на базата.
НАСА ја користела технологијата УАВСАР (беспилотно воздушно летало со радар), слична на ЛИДАР, но која користи радиобранови наместо ласерска светлина за откривање скриени објекти.
Спогодбата помеѓу САД и Данска за одбрана на Гренланд била потпишана во 1951 година, што им овозможило на Американците да градат воени бази на таа територија.
Дури и без екстремните услови, како температури до -56 Целзиусови степени и ветрови со јачина од 200 километри на час, изградбата на „Камп Сенчри“ била вистински логистички кошмар. Базата била направена од 6.000 тони материјал, пренесувани со огромни санки со брзина од само 3 километри на час. Материјалите прво се превезувале до американската база Туле, а потоа до градилиштето, патување кое траело дури 70 часа.
Инженерите најпрво копале длабоки ровови во снегот и мразот, вклучувајќи го и главниот тунел долг околу 300 метри, наречен „главна улица“, а потоа во нив поставувале дрвени и челични конструкции.
Најголемиот технолошки подвиг било поставувањето на нуклеарниот реактор PM-2A, еден од првите средни по моќ, кој морал да работи во екстремни услови за да обезбеди енергија за базата.
Додека престојувале во базата, научниците направиле значајни геолошки откритија. Меѓу првите ги проучувале јадрата на мразот, а примероците од почвата откриле дека Гренланд некогаш бил покриен со бујна вегетација и богат животински свет.
Но, овие научни истражувања служеле само како маска. „Камп Сенчри“ не бил целосно таен. За неговата изградба се знаело, а американската војска дури снимила и промотивен филм за проектот. Сепак, научниот аспект бил само маска. Вистинската цел била тајниот план познат како „Проект леден црв“.
Целта била базата да стане подземно складиште за балистички нуклеарни проектили под гренландскиот мраз. Планот предвидувал уште 135.000 километри квадратни тунели, доволно за 600 ракети и 60 места за лансирале, кои би ги опслужувале 11.000 војници постојано сместени во „градот под мразот“.
Сепак, проектот никогаш не бил реализиран. Огромниот број технички и логистички пречки го направиле неизводлив. „Камп Сенчри“ бил затворен во 1967 година, а неговото постоење станало познато дури во 1997 година, кога Данскиот институт за меѓународни работи објавил податоци за планот.
Остатоците од базата денес се затрупани со уште поголем слој мраз и снег, иако името „Камп Сентури“ сега има речиси симболично значење. На прв поглед, сето тоа изгледа како потсетник на Студената војна. Но, ситуацијата не е сосема таква.
За време на 33-месечната работа, нуклеарниот реактор успеал да произведе повеќе од 180.000 литри радиоактивен отпад. Кога базата била напуштена, реакторот бил отстранет, но отпадот останал. Тој сè уште лежи под мразот, кој поради глобалното затоплување сè побрзо се топи.
Научниците проценуваат дека до 2090 година мразот над базата би можел да почне да се повлекува, откривајќи опасен материјал.
- Тогаш научниците мислеле дека тоа никогаш нема да излезе на површината. Во 60-тите години поимот глобално затоплување не постоел. Но, климата се менува, и сега вистинското прашање е дали она што е закопано таму, ќе остане таму - вели Вилијам Колган, климатолог и глациолог од Универзитетот „Јорк“ во Торонто.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Wikipedia