X
 17.12.2022 Живот

86-годишна стјуардеса работи веќе 65 години соборувајќи светски рекорди

Кога Бет Неш била тинејџерка во раните 50-ти години, првпат летала од националниот аеродром „Реган“. Се заљубила во изгледот и љубезните манири на членовите на екипажот.

Во 1957 година таа ја почнала нејзината кариера во воздухопловството со „Истерн ерлајнс“, авиокомпанија која подоцна стана „Американ ерлајнс“. 65 години подоцна Неш ја продолжува својата кариера во воздухопловната индустрија, што ја прави стјуардеса со најдолг стаж во светот според Гинисовата книга на рекорди.

Многу работи се промениле од првиот работен ден на Неш, кога билетите чинеле само 12 долари и кога таа и другите стјуардеси носеле бели ракавици и им сервирале јастог на семејството Кенеди.

- Помина времето на рачно пишувани билети, налепници за седиштата и таблите - вели таа додавајќи дека технолошките модернизации помогнаа во секојдневните задачи.



И другите промени беа поздравени од оваа стјуардеса, која некогаш морала да има ненадејни домашни посети за работодавците да се уверат дека не живее со маж (во тоа време стјуардесите морале да бидат сами), како и проверка на тежината (сега такви барања не постојат).

Како една од постарите стјуардеси, таа има можност да ја избере маршрутата што ја лета, па поголемиот дел од кариерата останала на летот од Њујрок до Вашингтон и до Бостон. Како што вели, оваа маршрута ѝ дозволува да биде дома секоја вечер покрај нејзиниот син, кој има инвалидитет.

По сите години поминати како стјуардеса, Неш вели дека ужива во својата работа и е горда на професијата.

- Уживам во разговорите со патниците. И често сум изненадена од професиите, патувањата и животите на луѓето - вели таа, а редовните патници на овој лет велат дека нивните најдобри летови се токму кога Бет е стјуардеса на авионот.



Засега Неш не планира да се пензионира.

- Сè додека сум во добро здравје и сè додека имам можност, ќе работам. Забавно ми е и плус само што го прославив мојот дијамантски јубилеј, како и кралицата Елизабета! - вели таа.



Извор: Mymodernmet.com
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот