X
 28.01.2018 Култура

Урсула Ле Гвин: „Писменоста е потребна за да можеме да ги читаме упатствата за употреба!“


Урсула Ле Гвин
(Фото: Benjamin Reed)


По повод заминувањето на познатата американска романсиерка Урсула Ле Гвин (21.10.1929 – 22.01.2018) објавуваме извадок од нејзиното предавање „Упатство за употреба“ од 2002 година, објавено во една од нејзините последни книги „Зборовите се мојата работа: Записи за животот и книгите, 2000-2016“.

„Еден поет е именуван за амбасадор. Еден драмски писател е избран за претседател. Градежните работници стојат во редица заедно со канцелариските шефови за да купат нов роман. Возрасните бараат морално водство и интелектуален предизвик во приказните за мајмуните-воини, еднооките џинови и лудите витези кои војуваат со ветерници. Се смета дека писменоста е почеток, а не крај...

...Можеби во некоја друга земја, но не во оваа. Во Америка имагинацијата се сфаќа како нешто што може да послужи кога ќе се расипе телевизорот. Поезијата и драмските дела немаат врска со практичната политика. Романите се за студенти, домаќинки и други луѓе кои не работат. Бајките се за деца и примитивните народи. Писменоста е потребна за да можеме да ги читаме упатствата за употреба.

Јас сметам дека фантазијата е најкорисна алатка со која располага човечкиот вид. Поважна од нашиот палец поставен на раката во контрапозиција. Можам да го замислам животот без двата палци, но не и без имагинација.

Слушам гласови на одобрување. 'Да, да!' викаат  тие, 'творечката фантазија е вонредно корисна за бизнисот! Ја цениме креативноста, дури и ја наградуваме!' На пазарот зборот креативност денес означува произведување идеи кои можат да се применат во практичните стратегии за зголемување на профитот. Извитоперувањето на нејзиното значење трае толку долго што тешко дека може да падне на пониско ниво. Јас повеќе не го употребувам; им го препуштам на капиталистите и професорите да го злоупотребуваат тој збор до мила волја. Но имагинацијата, не ја давам.

Имагинацијата не е средство за стекнување пари. Ја нема во речникот за правење профит. Таа не е оружје, иако од неа потекнуваат сите оружја и иако од неа зависи нивната употреба или неупотреба, што впрочем важи и за сите други алатки и нивната употреба. Фантазијата е фундаментален начин на мислење, суштинско средство на постоењето и опстојувањето како човечки битија. Таа е алатка на умот.

Затоа мораме да научиме да ја користиме. Децата имаат имагинација како што имаат тело, интелект, јазична способност: сето она што е од суштинско значење за нивната човечка себност и што треба да научат добро да го користат. Учењето, обуката и практиката почнуваат во детството и треба да продолжат низ целиот живот. На младите човечки битија потребно им е да ја вежбаат имагинацијата како и сите други важни животни вештини, телесни и ментални, кои им се неопходни за растење, здравје, способност и радост. Таа потреба постои сè додека е жив умот.

Кога децата се поттикнуваат  да ја слушаат и учат книжевноста на својот народ или на други  писмени култури, да ја читаат и разбираат, нивната фантазија добива огромен дел од вежбите што им се потребни.

...Секогаш е корисно да се совлада некоја уметност или вештина; но за обучување на умот да се одлепи од непосредната реалност и да им се врати збогатен со ново разбирање  и  нова сила, нема ништо подобро од песна и приказна...

...Секој мора да научи како да го замисли својот живот, да го измисли, да го претстави во својата фантазија. Потребно е некој да нè научи на тие вештини; потребни ни се водачи да ни покажат како се прави тоа. Инаку нашите животи ќе ги замислуваат други луѓе...

...Писменоста е важна затоа што книжевноста навистина е упатство за употреба. Најдобриот прирачник што го поседуваме. Најкорисниот водач за земјата во која сме дошле како посетители, за живот.“


Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура