X
 07.03.2018 Живот

Трудово право - Зошто е потребно како работник да имаш основни познавања од оваа област


Анета Баснарков

Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот, Нелсон Мандела.

Овој пат ќе зборуваме за трудовото право како гранка на правото и зошто е потребно како работник да имаш основни познавања од оваа област.

Светот секојдневно се менува. Сведоци сме на револуцијата во технологијата, индустријата и  како таа во изминатите столетија доведе до спонтаното раѓање на работничкото право, како нужно за одвивање на работниот процес. Трудовото право е релативно нова и млада правна дисциплина, но исклучително значајна затоа што ги уредува работните односи и работните услови на милиони вработени лица што живеат од својот труд.

Трудовото право во голема мера ја детерминира и самата егзистенција на семејствата на работните луѓе, па оттука трудовото право добива не само правно, туку и политичко, социјално и економско значење.

Затоа, за работниот човек е многу значајно да ги познава своите права и обврски од работниот однос и да инсистира на нивното почитување, без оглед на фактот дали во дадениот момент настапува како работник и/или како работодавец. Секој млад работник денес, искачувајќи се по скалилата на успехот, утре ќе биде и менаџер и директор, ќе биде на страната на работодавецот.

Неколку од основните работничките права што треба да ги познаваат работниците се следниве:

- За цело времетраење на работниот однос, од моментот на неговото склучување, сè до неговото престанување и работникот и работодавецот се должни да ги почитуваат Законот за работни односи, меѓународните договори што ја обврзуваат РМ, колективните договори и актите на работодавецот.

Со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавецот.

Нашиот важечки Закон за работни односи е јасен кога вели:

Единствено со потпишување договор за вработување помеѓу тебе и твојот работодавец се заснова работниот однос и договорот за вработување се склучува исклучиво во писмена форма. Договорот за вработување се чува во работните простории во седиштето на работодавецот, а еден примерок од склучениот договор работодавецот е должен да ти врачи и тебе на денот на потпишувањето на договорот.

Правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос започнуваат да се остваруваат со денот на твоето стапување на работа, договорен во договорот за вработување.

Работодавецот е должен да поднесе пријава/одјава за работникот во задолжителното социјално осигурување и заверена фотокопија од пријавата или извод од компјутерски запис од информатичкиот систем на Агенцијата треба да му биде врачен на работникот во рок од три дена од денот на стапувањето на работа.

Не можеш да стапиш на работа пред да се склучи договор за вработување и пред работодавецот да те пријави во задолжително социјално осигурување.

Правата, обврските од работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на твоето стапување на работа, и во случај ако на тој ден од оправдани причини нема да започнеш да работиш.

Доколку работодавецот по престанокот на работниот однос, во рок од осум дена не те одјави од задолжително социјално осигурување, одјава може да се изврши по твое барање врз основа на претходно доставен записник од инспекторот на трудот до Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Договорот за вработување се склучува за време чие траење однапред не е определено (работен однос на неопределено време), но може да се склучи и за време чие траење однапред е определено (работен однос на определено време).

Работник се обрати кај нас во моментот кога му беше усно соопштено од претпоставениот да го напушти работното место, односно му било усно соопштено: од утре не доаѓај на работа. Мој совет беше следниот: Вие, господине, согласно договорот за вработување и Законот за работни односи, сте во обврска да се јавите на своето работно место сè додека не добиете писмена одлука за отказ од страна на работодавецот. Утре јавете се на работа. Следниот ден работникот уредно се јави на своето работно место и повторно не му беше овозможен пристап до неговото работно место. Работникот повторно се обрати во нашата канцеларија. Потоа ние сочинивме писмен поднесок во кој се обративме до првостепениот орган на управување, каде што образложивме каква е состојбата, дека работникот се обидува да се јави уредно на своето работно место, но од страна на обезбедувањето на фирмата е спречуван. Овој поднесок беше испорачан со препорачана пратка. Работникот побара од работодавецот писмена одлука за отказ на договорот за вработување. На ваквото писмено известување работодавецот веднаш побрза да му изготви одлука за отказ и му ја достави исто така препорачано.

Да напоменам дека во договорот за вработување, договорните страни имаа уредено да го почитуваат отказниот рок од 30 дена, кој беше испочитуван од страна на работодавецот, за што му беше исплатена месечна плата на работникот. Но, кога ја доби работникот Одлуката за отказ, ние уредно во законски рок вложивме приговор до второстепениот систем на управување на работодавецот. Оттаму добивме повторно иста одлука, која потоа ние ја нападнавме со тужба пред надлежен основен суд во Скопје и баравме поништување на одлуката за отказ на договорот за вработување и враќање на работникот на работа. Со оглед на фактот што ние сметавме дека одлуката има недостатоци во смисла на тоа што договорот за вработување му беше откажан на работникот во една постапка сосема спротивна на ЗРО и пред сè неоснована.

Ние сето ова успеавме да го докажеме и одлуката беше потврдена од Апелацискиот суд во Скопје. Потоа поднесовме нова тужба за исплата на неисплатени плати и придонеси, со оглед дека работниот однос му престана во 2013 година, работодавецот беше задолжен да му ги исплати сите плати сè до моментот кога ја донесе одлуката за негово враќање на работа. Што би значело дека на работникот му беа исплатени плати и придонеси за 4 години, исто како да одел на работа!!!

Овој и многу други примери укажуваат на фактот дека свеста за работничките права во нашето општество почнува сè повеќе да се развива, но сепак треба да се работи уште многу. Во услови на добро поставени односи на пазарот на трудот, во услови на информирани учесници, ние адвокатите би имале улога на советодавци за мирно решавање на споровите. Споровите од работни односи треба да бидат едни од ретките спорови што судски ќе се решаваат, со оглед дека судските постапки единствено предизвикуваат дополнителни трошоци за двете страни.

Трудовото право е таква гранка од правото која постојано расте и се развива, исто како и младиот човек. Таа треба и мора да биде подложна на постојани промени, во чекор со младиот човек и новото време.

Неопходно е едуцирањето на работниците, особено на младите луѓе кои секојдневно учествувајќи во работниот процес, ги создаваат работните односи на новото време, а оттука се создава и потребата за нивното регулирање и потребата за промена во правната регулатива од областа на работните односи.

Колумната ја пишува адвокат Анета Баснарков
Подготвил: Анета Баснарков

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот