X
 18.05.2018 Живот

Водич за немуслиманите за рамазан

Си-ен-ен објави водич за немуслимани во текот на месецот рамазан во кој се вклучени неколку правила до кои би требало да се придржуваат, особено кога се во друштво на лице што пости. Во водичот стои дека на светот има седум милијарди луѓе и дека 22 отсто од нив, односно 1,6 милијарда, постат од изгревањето на сонцето до неговото заоѓање.

Рамазан е најсветиот месец во исламот и со оглед на тоа дека постојат правила за верниците, може да се креираат и за немуслиманите за да не ги навредат пријателите што постат.

Еве неколку од нив.

На верниците не им пречи ако јадете во нивно друштво

Во текот на овој месец муслиманите ќе се воздржуваат од јадење и пиење. Тоа не значи дека вие не треба да јадете или да се криете од нив, меѓутоа, би било добро да се обидете да не закажувате деловен ручек. Доколку тоа е неопходно, закажете го, но да не ви биде непријатно доколку вашиот пријател муслиман само седи до вас.

Не сте задолжени да постите со верниците

Доколку имате желба, можете да се обидете да постите за да видите какво е чувството, но доколку не можете или не сакате, тоа нема да ги повреди чувствата на вашиот пријател муслиман.

Без разлика дали постите, можете да им се придружите на пријателите на ифтар

Ифтар е моментот кога муслиманите можат да јадат, а тоа е кога заоѓа сонцето. Тогаш верниците најчесто прават голема вечера и ги повикуваат пријателите, без разлика дали тие постат.

Не морате да знаете кога почнува рамазан

Исламскиот календар е лунарен и секоја година е различен почетокот на рамазан бидејќи никогаш не е на ист датум. Сепак, бидете флексибилни доколку вработениот што пости сака да дојде на работа порано и порано да заврши.

Верниците можат да излезат на пауза со вас

Вашиот пријател муслиман може да излезе на пауза со вас иако не смее да консумира храна и пијалаци. Значи, не смее да пие ни вода, но може да ви прави друштво. Верниците сепак ќе бидат на одредена дистанца од вас, не затоа што ви се лути, туку поради халитозата. Со оглед на тоа дека не јадат цел ден, тие ќе стојат на чекор од вас додека разговарате. Халитоза е медицински термин кој се користи за опишување на непријатниот здив.

Можете да му го честитате на пријателот доаѓањето на рамазан

Иако не постите, би било убаво да му го честитате на пријателот доаѓањето на рамазан бидејќи тоа многу ќе му значи затоа што со тоа ќе изразите почит кон него и кон неговата вера.

Сфатете ја суштината на рамазан

Никогаш немојте да кажете дека треба да постите за да ослабите. Тоа не е целта на рамазан.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот