На официјалната фејсбук-страница на хрватската писателка Ведрана Рудан се појави порака која ги растажи нејзините читатели низ целиот регион. Една од најпопуларните писателки на просторот на поранешна Југославија почина по долга борба против ракот, на 77-годишна возраст.
Ведрана Рудан објави вкупно 17 книги (романи и збирки) во текот на своето литературно творештво. Нејзините дела се преведени на многу светски јазици, вклучувајќи англиски, руски, француски, италијански и полски.
Често и со задоволство даваше интервјуа, во кои беше директна и контроверзна исто колку и во литературната работа, а е една од познатите жени што најчесто се цитираат. По тажната вест за смртта на Ведрана Рудан, се потсетуваме на некои од нејзините најпопуларни изјави.
- На жените не им требаат ниту мажи ниту деца, туку слобода.
- Пред дваесетина години ние жените знаевме да кажеме дека светот би бил поинаков доколку ние владееме со него.
- Нема таква глупост што заљубената жена нема да ја направи за својот маж.
- Важно е жената најпрво да се гледа себеси и да си угодува себеси. Можеби тоа го сфатив премногу доцна, но подобро некогаш отколку никогаш.
- Љубовта е гадна работа; совет: немојте ни да почнувате.
- Кога драгиот Бог ги делеше органите, му даде на мажот еден орган повеќе. Мажот му се заблагодаруваше за добродетелта, а Бог одговара: „Да, драги, ама имаш и помал мозок“.
- Големите и вистински љубови се реални и можни, само далеку од туѓите очи и уши, за да не се мешаат завидливците.
- Нам не ни требаат квадрати, ни треба пиво, душевен мир и малку топла рибја чорба.
- Продажбата на обични огледала оди слабо, но добро одат оние што велат дека си најубав на светот. Колку е убаво да се биде убав и голем во сопствените очи!
- Презирот започнува кога ќе сфатиш сè, а прифаќањето, љубовта и простувањето започнуваат кога ќе сфатиш барем нешто.