X
 18.11.2019 Наша тема

Дали професор во средно и асистент на факултет треба да имаат иста плата, прашуваат универзитетски професори

Хаотична е состојбата со платите на универзитетските професори. Постои разлика во износот од факултет до факултет поради поделбата на богати и сиромашни, а дел од професорите не добиваат ниту додаток за минат труд, што е законска обврска

Платите на професорите во високото образование не се покачени за 20 проценти во последните две години, туку за 15 отсто, што значи дека платата на асистент на факултет е иста или можеби помала од професор во средно образование, вели проф. д-р Елизабета Христовска од Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Таа е револтирана бидејќи сите манипулираат со овој податок. Вели дека јавни функционери, но и медиуми постојано пишуваат дека и во високото образование има трето покачување на платите, но не е така.

- Се манипулира јавноста со податок дека со најавеното зголемување на платите во образованието за 10% оваа Влада ќе ги зголеми платите во овој сектор за вкупно 20%. Тоа е така за основното и за средното образование, но не е случај за високото образование. Вработените во високото образование не добиja зголемување на платите за 5% од септември 2018, туку само 5% од септември 2019, што значи со најавеното зголемување од 10% од 1 јануари вкупното зголемување на платата во високото образование ќе биде 15 проценти - вели таа.



Степенот на образование веќе нема улога во висината на плата

Универзитетската професорка Мимоза Ристова од Природно-математичкиот факултет од УКИМ вели дека покачувањето не е ниту 15 проценти бидејќи во високото образование во 2019 не е покачено за 5, туку за 3,8 проценти.
- Она единствено покачување во високо образование според наши пресметки не беше ниту 5 проценти, туку некаде околу 3,8. Затоа што не беше земен предвид минатиот труд. Кога од НАкС подготвувавме анализи за состојбите, ги споредивме табелите од платите бруто и нето и се гледа дека не е исплатен минат труд, па процентот не може да биде 5 - вели Ристова.

Според професорката Христовска, ваквата состојба на ставање на високото образование во подредена состојба на останатото образование предизвикала дисбаланс на платите во образование и нарушување на разликата на платата според степенот на образование.
- Платата на асистент во високото образование е колку плата на професор во средно образование, а можеби и помала, а што сѐ не се бара да постигне еден асистент и какви сѐ не финансиски трошоци има за понатамошниот негов професионален развој, споредено со професор во средно образование. Не е поповолна состојбата и со платите на професорите, на пример, доцентската плата пред зголемувањето од 5% не беше многу поголема од просечната плата во државата. Оваа споредба беше со многу поразлични коефициенти пред 20-ина години и беше предизвик да се работи во високото образование - вели Христовска.

Од Министерството за образование и наука, пак, велат дека во високото образование има само две покачувања на платите, а во основно и средно три. И тоа било јасно и транспарентно кажано во јавноста.
- Платите на вработените во основните и во средните училишта во изминатите две години во два наврата се зголемени за по 5%. Првиот пат во септември 2018 година и вториот пат во септември оваа година. Следното зголемување ќе биде од јануари 2020 година за нови 10% или кумулативно, земено предвид со годишното порамнување, зголемувањето ќе биде 21,3%. Додека платите на вработените во високото образование се зголемени од септември оваа година за 5%, а следното покачување ќе биде од јануари 2020 година за 10%, кумулативно тоа е над 15% покачување на платите во високото образование - велат од МОН.
Оттаму објаснуваат дека за 25% се зголемени платите на вработените во јавните научни установи, односно 7 институти од октомври оваа година, и ним ќе им биде исплатен и минат труд.

Зошто само некои професори се платени за минат труд?

Проблем во високото образование е и тоа што не сите универзитетски професори земаат надомест за минат труд. Од МОН велат дека во коефициентот за пресметка на плати влегува и оваа ставка, но професорите тврдат дека државата не им плаќа за минат труд.
Професорката Христовска објаснува дека единствени во државата што работат за државата и не добиваат надомест за минат труд се универзитетските професори. Останатите вработени во основното и во средното образование го добиваат овој додаток.

- Владата најави решавање на проблемот со минатиот труд за вработените во институтите, а и зголемување на нивната плата за 25%. Тоа е во ред и е за поздравување, но како само за едни, а не и за другите?! Што со додатокот за минат труд за вработените на факултетите и дали треба вработен во институт да има повисока плата од вработен во факултет кога во институтите имаат една дејност (наука), а на факултетите две дејности (настава и наука). Досега платите за исти звања во институтите и факултетите беа исти, но сега ќе има поголема разлика во платите - вели професорката Христовска.



Независниот академски синдикат (НАкС) минатиот месец имаше средба со министерот за образование и наука Арбер Адеми, па меѓу другите прашања, отворено било и тоа за неисплатениот минат труд.
Тие побарале МОН веднаш да ја преземе законската обврска за исплата на овој надоместок за да се избегне опасноста од блокирање на сметките на институциите поради индивидуални тужби на вработените.
- На пример, еден професор кој има стаж од 30 години може да биде оштетен за 15 проценти помала плата. Значи професор со поголем стаж треба да зема за 15 проценти повисока плата по основа минат труд. Тоа се околу 3.000 денари на плата од 35.000. Асистентите, пак, државата ги третира како да се студенти - објаснува Ристова.

Професорката Ристова вели дека ако МОН не ја исполни оваа законска обврска, веројатно професори ќе се одлучат за тужби, а и НАкС ќе реагира.
- Ние поднесовме и предлог за нов колективен договор, чекаме да нè викнат од МОН на преговори - вели таа.

Неофицијално, дознавме дека неколку професори веќе поднеле тужби до факултетите бидејќи не им се исплаќа овој надоместок. Декани на факултети нè избрифираа дека неколку факултети кои имаат дополнителни средства им го исплаќаат овој додаток на вработените.
- Државата дефинитивно не плаќа за минат труд. А факултетите што имаат пари за дополнителни средства им го исплаќаат - ни изјави декан на факултет на УКИМ.
Од Министерството за образование и наука, пак, негираат дека државата не си ја исполнува оваа обврска.
- По однос на ова прашање ве известуваме дека во вредноста на коефициентот за пресметка за платата во високото образование е вклучен и минатиот труд, така што оваа законска обврска се реализира - ни одговорија од МОН.

Факултети.мк во неколку наврати пишуваше за проблемите со платите во високото образование и за огромната разлика од факултет до факултет на еден универзитет, но и меѓу самите универзитети. Нееднаквоста на платите меѓу универзитетите и факултетите се должи на тоа кој успеал да обезбеди дополнителни средства, кои најмногу зависат од бројот на студенти. Повеќе студенти значи повеќе пари. Но, некои факултети имаат големи трошоци за наставата, па парите одат таму, без оглед колку студенти се запишале.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема