X
 19.01.2025 Наука

Бродовите со животинска кожа биле тајната за моќта на морнарите пред 5.000 години

Древните скандинавски поморски култури се познати по навигацијата на импресивно долги растојанија низ морињата. Но, мистеријата останува: како тие постигнале такви извонредни подвизи без напредната технологија на која се потпираме денес?

Една нова студија објавена во „Журналот за поморска археологија“ посочува дека тајната на нивната моќ можеби била скриена во наједноставните материјали – кожа од животни.

Оваа „поморска специјализирана група“ датира од раниот и средниот неолит, помеѓу 3.500 и 2.300 г. пр.н.е. - период што сега го нарекуваме камена доба. Овие општества напредувале со лов, патување и тргување на огромни пространства. Како го направиле тоа, останува отворено прашање.

Откривањето чамци од неолитската ера е практично невозможно, но истражувачите собрале докази кои покажуваат дека употребата на животинска кожа можеби им овозможила да бидат пионери во морињата како најрани скандинавски морнари. Претходните истражувања веќе утврдиле дека овие групи поседувале високоразвиена поморска технологија, вклучувајќи керамика пронајдена на далечните острови и докази за трговија со животни. Тие имале силна трговска мрежа и способност да поминуваат извонредни растојанија. Истражувачите се свесни дека најчестите чамци од камената доба биле кануата и бродовите изработени со сноп од трска. Сепак, тие тврдат дека чамците со кожа од животни, исто така користени во арктичките региони, биле занемарени како веројатна можност во раната нордиска технологија.

Локалитетите од камената доба изобилуваат со многу коски од фоки бидејќи, покрај тоа што биле извор на храна, веројатно биле користени и за облека, шатори и чамци. Остатоците од маслото од фоки, иако индиректна форма на доказ, биле пронајдени во керамички парчиња. Ова покажува дека тоа било вредна стока, потенцијално користена за масло за светло, но и за одржување на чамците кои добро се подмачкувале за непречено лизгање по водата.

Кануата би биле погодни за реки, фјордови и активности во близина на брегот, но не и за патувања на долги растојанија на отворено море. Кожените чамци најверојатно биле заменети со зашиени чамци со штици кон крајот на неолитскиот период. Оваа студија се обидува да го премости јазот во технолошкото разбирање помеѓу овие два метода за градење чамци.

Извор: interestingengineering.com

Фото: British museum

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука