X
 20.02.2022 Живот

Совети како да ги надминете паничните напади

Милиони луѓе секојдневно се борат со панични напади, а бројот на оние на кои им е дијагностицирано панично нарушување расте од ден на ден. Без разлика на дијагнозата, секој од нас може да се најде во ситуација која ќе предизвика паничен напад, а тоа може да биде многу застрашувачко: срцето почнува да чука брзо, потта го преплавува телото, губите фокус, се појавува вртоглавица.

Понекогаш физичките симптоми се толку тешки што личноста се чувствува како да умира. За жал, овие симптоми се длабоко вкоренети во општата анксиозност и за многу луѓе се знак на панично нарушување.

Но, секогаш е добро да се провери дали постои некој друг здравствен проблем што може да предизвика такви состојби. Во секој случај, консултацијата со професионалец за ментално здравје секако ќе биде од помош.

1. Забавете и дишете

Повеќето луѓе го задржуваат здивот кога се вознемирени, што може само да ги направи понервозни. Во паника, исто така, ќе се чувствувате како да мора да направите нешто многу брзо за да се смирите, а поради таа брзина луѓето често се однесуваат нерационално и создаваат уште поголем проблем. Затоа, пред да донесете каква било одлука, вдишете длабоко и забавете!

Практикувајте правилно дишење секој ден. Вдишувајте длабоко низ носот и замислете како целото тело се полни со воздух како балон. Потоа полека издишете низ устата. Повторете ја оваа вежба неколку пати.

Откако ќе го научите овој начин на дишење и ќе го прифатите како автоматизам, ќе се сетите да ја примените оваа техника кога ќе се случи напад.

2. Не возете автомобил


Ако доживеете паничен напад, никогаш не треба да влегувате во ситуации кои можат да бидат ризични за вас и за другите. Возењето во овој случај може да биде опасно. Доколку се случи паничен напад додека возите, веднаш тргнете се од патот и почекајте да се смирите.

Човек што се бори со паничен напад не може рационално да размислува и да донесе правилни одлуки, а во тој случај се ослабува брзината на реакција на какви било опасности во сообраќајот.

Ако навистина ви треба помош, подобро е да повикате некој да ве однесе на лекар или јавете се во брза помош.

napad
Фото: Freepik

3. Носете лекови со вас

Ако ви е дијагностицирана анксиозност и ви се препишани лекови, секогаш носете ги со себе.

4. Ангажирајте го мозокот и преземете ја контролата


Во панични ситуации, хормоните на стрес го преплавуваат мозокот и предизвикуваат телото да се бори или да бега. Во тој момент мозокот се стреми кон преживување и презема чекори за да излезе од ситуација во која се чувствува загрозено. Иако им помогна на нашите предци да преживеат, може да има контраефект во панични ситуации.

Наместо тоа, обидете се да го вклучите вашиот мозок за да не ви се чини дека сте целосно во паника.

Обидете се да користите вербално расудување („Еве уште еден паничен напад. Ќе биде тешко, но наскоро ќе заврши. Ќе бидам добро.“) Или ангажирајте го мозокот со активности кои бараат моторни или когнитивни вештини (миење садови, сортирање алишта, одбројување на странски јазик итн.).

Понекогаш најдоброто нешто што можете да го направите е да одите на прошетка или трчање. Движењето и вежбањето ќе ве релаксираат и ќе ја ослободат напнатоста. Или барем отворете го прозорецот и пуштете малку свеж воздух во просторијата каде што престојувате.

5. Исклучете го телевизорот и дремнете

Ако ви пречи гледањето вести, не гледајте. Светот нема да застане, а медиумите често знаат да ги преувеличуваат работите за да предизвикаат страв и паника кај луѓето.

Наместо тоа, направете топла бања, а потоа дремнете. Анксиозноста е исцрпувачка, но дури и 20 минути сон може да ве смират и да ви ја вратат изгубената сила.

6. Бидете свесни за вашата состојба

Нападите на паника често доаѓаат во форма на грчење, вртоглавица, отежнато дишење и брзи мисли. Понекогаш луѓето се толку желни да излезат од паничниот напад што само прават уште поголем проблем.

Кога ќе се појави паничен напад, потребно е да се сфатите дека ќе помине и дека сѐ ќе биде во ред. Се разбира, ова нема да функционира кај секого. Но, бидете свесни дека сте доволно храбри да го преживеете и дека тоа нема да ве обземе. По неколку минути работите ќе се смират и ќе можете да воспоставите контрола над ситуацијата.

Извор: Dnevink.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот