X
 21.09.2025 Живот

Кој ќе ја замени Меѓународната вселенска станица по 2030 година?

Како што Меѓународната вселенска станица се приближува кон својот крај во 2030 година, НАСА се потпира на приватни вселенски станици за да ја обезбеди иднината на човештвото во орбитата.

Од лансирањето на првите модули во 1998 година, Меѓународната вселенска станица не беше само симбол на меѓународна соработка, туку беше и функционална лабораторија во која се спроведоа повеќе од 4.000 експерименти. Тие опфатија сè - од истражување на долгорочните ефекти на микрогравитацијата врз човечкото тело до развивање материјали кои не можат да се создадат на Земјата.

Уште поважно, станицата ни овозможи практично знаење за долготрајни мисии во вселената: решавање дефекти на системи, усовршување на протоколи за животна поддршка и развивање оперативна култура што ќе ги поддржи идните мисии.

Повеќе од две децении Меѓународната вселенска станица обезбедуваше континуирано човечко присуство во вселената. Таа е и центар на науката и симбол на инженерска издржливост. Но, со стареењето на системите, одржувањето станува сè поскапо, па НАСА се подготвува да го пренасочи фокусот од директно управување со орбиталната инфраструктура.

Лекции од падот на „Скајлаб“

Судбината на Меѓународната вселенска станица потсетува на приказната за „Скајлаб“, првата американска вселенска станица. Во 1979 година таа падна назад на Земјата, со што остатоците паднаа во Западна Австралија. Локалните власти дури и симболично ја казнија НАСА затоа што фрли ѓубре.

Поголемиот проблем беше што во тој момент немаше подготвен наследник во орбитата. Резултатот беше децениски прекин меѓу „Скајлаб“ и Меѓународната вселенска станица - празнина што ги забави научниот напредок и амбициите за човечки летови. Тоа искуство денес ја обликува стратегијата на НАСА за да не се повтори истата грешка.

Стратегијата на НАСА по Меѓународната вселенска станица


Според сегашниот план, НАСА нема да гради директна замена за Меѓународната вселенска станица. Наместо тоа, ресурсите се насочуваат кон „Лунар гејтвеј“, помала станица во орбитата околу Месечината која ќе биде база за мисиите „Артемис“. Но, политичката неизвесност ја прави иднината на „Лунар гејтвеј“ несигурна.

Во орбитата на ниска височина НАСА се префрли на програмата „Комершл лео дестинејшнс“, чија цел е приватни компании да изградат станици и да управуваат со нив. Под овој модел НАСА ќе биде само еден од многуте клиенти.

Трката за комерцијални станици

Неколку компании веќе се вклучија во трката. „Орбитал риф“, поддржана од „Блу ориџин“ и „Сиера спејс“, нуди платформа за истражување, производство и туризам. „Старлаб“, предводена од „Војажер технолоџис“ и „Ербас“, ја обединуваат европската и американската експертиза.

Но, водечки играч е „Аксиом спејс“, која веќе го гради првиот модул за својата станица. Тој треба да биде лансиран со „Фалкон хеви“ и приклучен на Меѓународната вселенска станица во 2027 година.

„Аксиом“ веќе има искуство со испраќање приватни астронаути на Меѓународната вселенска станица, тестирајќи системи за комуникација и управувајќи со експерименти. Ваквата постепена транзиција ја прави најверојатен наследник на Меѓународната вселенска станица.

Комерцијалната иднина на ниската орбита

Ако „Аксиом“ и конкурентите успеат, ниската орбита би можела да се претвори во комерцијален екосистем. Потенцијалните примени одат подалеку од владините истражувања: хотели со нулта гравитација, фабрики за материјали со висока вредност или биотехнолошки лаборатории со услови невозможни на Земјата.

Овој премин најавува иднина во која државните агенции, корпорациите и приватните истражувачи ќе го делат пристапот до орбитата, погрижувајќи се човештвото да не го изгуби тешко освоеното присуство во вселената кога Меѓународната вселенска станица ќе изгори во атмосферата на Земјата.

Извор: Dailygalaxy.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот