Астронаутите од програмата на НАСА, „Артемис II“, поставија нов рекорд во историјата на вселенските патувања - тие се првите луѓе што се на најголема оддалеченост од Земјата досега. Нивната мисија го надмина претходниот рекорд од 400.171 километар, кој во 1970 година го постави екипажот на „Аполо 13“.
Четворицата астронаути, командантот Рид Вајзман, специјалистите на мисијата Кристина Кох и Џереми Хансен, како и пилотот Виктор Гловер, моментално патуваат околу Месечината во рамките на 10-дневната мисија. Ова е првпат по повеќе од половина век луѓето да ја напуштаат орбитата на Земјата и да тргнат кон нашиот најблизок вселенски сосед.
Следење во живо
НАСА емитува пренос од мисијата „Артемис II“ во живо, 24 часа на ден, кој може да се гледа на „Јутјуб“, на платформата „Х“, на официјалната интернет-страница и на апликациите на НАСА за паметни телевизори.
Откако астронаутите ќе стигнат до подалечната страна на Месечината, ќе доживеат затемнување на Сонцето во траење од 53 минути и ќе можат да ја набљудуваат Сончевата корона од единствена перспектива, а ќе имаат и необични погледи кон Земјата и другите планети.
Мисијата „Артемис II“ беше лансирана во орбитата на 1 април. По еден ден тестирање на важните системи во високата Земјина орбита, екипажот одлета од планетата.
Третиот и четвртиот ден астронаутите тестираа други системи и разговараа со своите семејства.
Петтиот ден влегоа во лунарната сфера на влијание, каде што гравитацијата на Месечината е посилна од онаа на Земјата.
Иако астронаутите нема да слетаат на површината на Месечината, леталото „Орион“ ќе ја обиколи нејзината далечна страна и ќе се врати назад. Во текот на прелетувањето екипажот ќе изведува различни научни и технички експерименти, ќе ги тестира системите на леталото и ќе собира податоци кои ќе бидат клучни за идните мисии со човечки екипаж на Месечината.
Мисијата „Артемис II“ е важен чекор во планот на НАСА за трајно враќање на луѓето на Месечината и за подготовка на патот за идните вселенски истражувачки експедиции, вклучувајќи ги и потенцијалните посети на Марс.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Screenshot/YouTube