X
 21.12.2020

13 европски метрополи ќе се поврзат со ноќни возови

Некогаш одамна ноќните возови биле најголем тренд, а возовите биле најпопуларно превозно средство на пазарот. Од воведувањето на воздушниот сообраќај, возовите, а особено оние на долги релации, ја загубија популарноста. Меѓутоа, се очекува по пандемијата на Ковид-19 мрежата на ноќните возови повторно да биде интересна за многу европски патници.

Има еден сериозен план во наредните неколку години во Европа да се создаде сложена мрежа на ноќни возови. Неодамна повеќе компанија што нудат железнички услуги од Франција, Германија, Австрија и од Швајцарија објавија план за соработка, односно креирање мрежи на ноќни возови со име „Најтџет“.

Идејата на Швајцарските федерални железници - СББ, Австриските сојузни железници - ОББ, Германските железници и Француската национална железничка компанија - СНЦФ е до декември идната година да поврзат вкупно 13 европски метрополи со ноќни возови. Во тој контекст, директорите на компаниите потпишаа заедничка декларација која го означува почетокот на 2021 година како „Европска година на шините“.

Во декември идната година се воведува првата линија меѓу Виена, Минхен и Париз, како и Цирих, Келн и Амстердам. Една година подоцна Цирих ќе биде поврзан со Рим, додека поврзувањето на Виена и Берлин со Брисел и Париз е планирано за 2023. Последниот чекор од оваа прва фаза е поврзување на Цирих и Барселона.



Германија и Австрија ги нагласуваат климатските промени

Целта на планираната соработка, барем според германскиот министер за сообраќај Андреас Шојер, е Европа да се направи еколошки поприфатлива и тоа со привлечни и долготрајни железнички врски. Според австриската министерка за сообраќај Леоноре Гевеслер, создавањето на мрежата на ноќни возови е знак дека Европа сериозно ги сфаќа своите обврски за заштита на климата.

- Јасно гледаме дека е политичка задача да се воспостават ноќни возови како алтернатива на летовите на кратки релации и патувањата со автомобили - истакна таа и додаде дека во следните неколку години во ноќните возови ќе бидат вложени 500 милиони евра.

Дополнително, шефот на ОББ, Андреас Мата, очекува бројот на патници да се удвои од 1,4 милион во периодот пред Ковид-19 на нешто помалку од 3 милиони.

Ноќен воз - симбол на европското единство

Во меѓувреме, францускиот колега Жан-Пјер Фарандо од СНЦФ нагласи дека Европската Унија би требало да го смета патувањето со железница за инструмент на европското единство.

- Мораме повторно да го откриеме значењето на големите врски во Европа. Имаме прекугранична соработка, но ноќните возови овозможуваат да се оди малку подалеку. Тие можат да поврзат растојанија поголеми од илјада километри и со тоа поврзуваат патнички коридори меѓу европските земји - истакна Фарандо.

Генералниот секретар на СНЦФ, исто така, нагласи дека мрежата на ноќни железници првенствено е наменета за оние со пониска куповна моќ.

- Ноќните возови ја исполнуваат побарувачката на младината и младите од цела Европа - рече тој.

Извор: Travel Magazine
Фотографии: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk