X
 19.04.2016 Наука

Откритие кое би можело да ја промени историјата на Европа

Во долината на реката Толензе во Германија во текот на последните шест години биле ископани над десетина илјади човечки коски. Ова откритие укажува на тоа дека во бронзеното доба имало голема битка на тие простори, за која историчарите не знаеле претходно.


Коски од над 100 мажи, остатоци од скелети на пет коњи и разно оружје се сведоштво за тоа дека пред повеќе од 3.000 години на северот во Европа се одржала битка за која не се знаело досега.

- Долго време не верувавме дека имало војна во праисторијата на Европа - вели археологот Свенд Хансен.

Во тоа време, жителите на овој дел од стариот континент во најголем дел биле земјоделци и трговци кои живееле на изолирани имоти без блиски соседи. Така, археолозите претпоставувале дека единствените конфликти во тоа време биле од локална природа.

Меѓутоа, пронајдените коски се доказ дека над десетина илјади мажи се бореле во битка пред околу 3.200 години. Притоа, генетските анализи покажуваат дека остатоците припаѓаат на различни популации.

Во тоа време војните биле присутни ширум светот. Во Грција се распаѓала Микенската цивилизација, Египет се борел против „морските луѓе“ од далечните краеви на светот, а на северот на Европа започнала изградбата и на првите тврдини.

Археолозите велат дека ова би можело да биде прв доказ за промената во општественото организирање и војување во Европа.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука