Пред повеќе од три децении уметникот Џим Санборн создаде мистериозна скулптура за ЦИА. Инсталиранa во 1990 година во дворот на седиштето на агенцијата во Лангли, Вирџинија, „Криптос“ има бакарна плоча опкружена со фосилизирано дрво. Санборн врежал 1.735 измешани букви во бакарот, создавајќи четири кодирани пораки.
Три од пораките на „Криптос“ веќе се дешифрирани, но четвртата, позната како K4, останува нерешена. На својот 80. роденден во ноември, Санборн планира да го продаде целосното решение на „Криптос“ на аукција, со проценета цена до 500.000 долари.
Нерешениот код уништил бракови, донел непожелни гости на вратата на Санборн и дури предизвикал закани по неговиот живот, вели тој.
Четирите кодови биле создадени во соработка меѓу Санборн и Едвард Шеит, поранешен претседател на Криптографскиот центар на ЦИА.
- Се сретнавме повеќе или помалку во тајност. Тој ме едуцираше за кодови, современи системи на кодирање, барем современи во тоа време, 1988 година - изјави Санборн во 2020 година.
Трите дешифрирани пораки се поврзани за теми на тајност и откривање.
Првата порака: „Меѓу суптилното сенчење и отсуството на светлина лежи нијансата на iqlusion“, со намерно погрешно напишан зборот „illusion“ (илузија).
Втората порака: „Дали Лангли знае за ова? Тие треба да знаат: закопано е некаде. X кој ја знае точната локација? само ВВ“. (Иницијалите се однесуваат на Вилијам Вебстер, тогашниот директор на ЦИА).
Третата порака е адаптиран дел од расказот на египтологот Хауард Картер за откривањето на гробницата на кралот Тут. „Полека, очајно полека, се отстранија остатоците од патеката што го оптеретуваа долниот дел на вратата. Со треперливи раце направив мал пробив во горниот лев агол“.

Фотo: RR Auction
Во 2010, 2014 и 2020, Санборн им дал насоки на оние што се обидувале да ја решат K4, но пораката останува нерешена и одзема многу време од уметникот. Тој добива толку многу пораки со предлози што сега бара надомест од 50 долари за испратена порака.
- Решавањето на пораката некои го гледаат како борба на умот, други како тест за својот софтвер, а трети како хоби што ги држи ангажирани со криптологија по завршувањето на нивната кариера - објаснува Петер Крап, експерт за медиумски студии на Универзитетот во Калифорнија, Ирвајн.
Продажба на аукција
Во ноември, „Ар-ар окшн“ ќе го продаде целосното решение на „Криптос“, заедно со потпишано писмо од Шеит, фотографии и други материјали. Во неодамнешно отворено писмо, Санборн објаснува дека одлуката била тешка, но неопходна.
- Повеќе немам физички, ментални или финансиски ресурси да го одржувам K4 кодот од 97 карактери на мојата скулптура и да ги продолжам другите проекти - изјави тој.
Санборн се надева дека оној што ќе го купи решението ќе ја одржува мистеријата на „Криптос“ и ќе ги држи луѓето во неизвесност.
- Силата лежи во тајната, не надвор од неа - вели Санборн.
Извор:
Smithsonian
Фото:
Wikimedia Commons