X
 22.09.2025 Наука

Откритие на научници што би можело да го промени светот

Научници кои го дупчеле дното на Атлантскиот Океан кај северозападниот брег на САД откриле огромен и мистериозен резервоар на слатка вода - откритие кое би можело да има значајни глобални последици.

Прелиминарните процени посочуваат дека слични резервоари може да постојат и покрај бреговите на други континенти.

Во многу области на Земјата денес владее недостиг на вода, поради што човештвото е во потрага по нови извори.

Како бил откриен резервоарот?

Дека постои слатка вода под океанот е познато од пред повеќе децении бидејќи експедициите во потрага по нафта повремено наоѓале вода. Сепак, овие резервоари досега не биле детално истражувани.

Во 2019 година истражувачи од Океанографскиот институт „Вудс хол“ и Универзитетот Колумбија мапирале огромна област на слатка вода користејќи електромагнетни бранови.

Резервоарот се протега од брегот на Масачусетс до Њу Џерси, а можеби и понатаму. Експертите ја опишуваат како најголема формација од ваков вид откриена досега.

Старост и потекло на водата

Научниците сега се обидуваат да утврдат колку е стара водата - неколку стотици години или дури 20.000 години. Ако е помлада, резервоарот се надополнува; ако е постара, резервите се ограничени.

Исто така, тие го истражуваат потеклото на водата и дали потекнува од топење на глечери или од дождови.

Холи Мишел од Универзитетот „Делавер“ смета дека водата пристигнала пред неколку илјади години, кога нивото на морето било значително пониско.

Разбирањето на потеклото и развојот на овие резервоари ќе им помогне на научниците да ја применат оваа експертиза и на други крајбрежја вклучувајќи ги Индонезија, Австралија и Јужна Африка.

Потенцијален ресурс за иднината


Резервоарите се огромни - се проценува дека еден од нив би можел да снабдува град со големина на Њујорк во наредните 100 години. Со оглед на тоа што речиси половина од светската популација живее во радиус од 100 километри од брегот, ваквите извори би можеле да бидат клучни во иднината.

Сепак, овие резервоари брзо се празнат поради прекумерното црпење и климатските промени, вклучувајќи го покачувањето на нивото на морето кое може да ја контаминира подземната вода.

Предизвици и ограничувања

Вадењето вода од подморските резервоари и транспортот до копното е скапо и бара многу енергија, иако обновливите извори, како енергијата од ветер, би можеле да помогнат. Исто така, постои ризик од контаминација со солена вода.

- Вадењето вода од овие резервоари нема да биде неограничено, ниту евтино. Засега, најдобро е да ја чуваме водата која ја имаме на копното, но истражувањето на нови извори е од клучно значење - вели Мишел.

Брендон Дуган, лидер на експедицијата, верува дека водата од овие резервоари ќе почне да се користи за околу 10 години.

Податоците што ќе се собираат во наредните месеци ќе помогнат да се утврди распространетоста на подморските водни извори во светот и како тие се менуваат со покачувањето на нивото на морето.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука