X
 22.12.2025 Технологија

Во Германија се гради паметен систем со кој ќе се загреваат 40.000 домови со направа напојувана од речна вода

Рајна е втората најдолга река во Западна Европа, која испушта 2.800 кубни метри вода во Северното Море. Таа истекува од швајцарските Алпи и сочинува големи делови од западната германска граница, правејќи голема делта во Холандија пред да се влее во морето. Исто така, таа е огромен, претежно неискористен извор на чиста енергија. Како што пренесува Би-би-си, германската енергетска компанија „Ем-ви-ви енвајронмент“ гради две огромни топлотни пумпи кои ќе повлекуваат вода од Рајна за да обезбедат затоплување за околу 40.000 домови.

Пумпите, кои може да станат најмоќните кога ќе бидат комплетирани, работат речиси на ист начин како топлотните пумпи што моментално се користат во домовите. Тие во зима влечат топлина од воздухот надвор, а во лето ја вадат надвор.

Предностите се очигледни. Топлотните пумпи се значително енергетски поефикасни и попријателски кон животната средина од алтернативните методи кои се користат за затоплување и ладење на домовите, како котли на гас или електрични елементи.

Идејата е генерираната топлина да се однесе до илјадници домови преку мрежи на топла вода или пареа. Според Меѓународната агенција за енергетика, централното греење би можело да покрива до 50 % од потребите за затоплување во Европа, а топлотните пумпи би можеле да испорачуваат околу 25 % од енергијата транспортирана преку мрежата на централното греење.



Соодветно на тоа, огромните пумпи на МВВ го заземаат местото на термоцентралата на јаглен во Манхајм, Германија, што е симболично свртување кон обновливите и помалку штетни технологии. Од компанијата велат дека местото е веќе поврзано на мрежата, па дури и на локалното централно греење.

Најдобро од сè е што потребната компресорска технологија во голем дел е веќе развиена од нафтената и индустријата за гас, што е од голема помош за транзицијата кон топлотните пумпи.

Компанијата се надева дека следната година ќе може да започне со конструкција и ќе заврши за две до три години.

Ова е едно од неколкуте решенија засновани на топлотни пумпи во Европа. Сличен систем веќе е во функција во Олборг, Данска. Топлотни пумпи се користат и за вадење топлина од вода во рудници кои не се користат во Велика Британија. Други места, како Хелсинки во Финска, веќе собираат топлина од воздухот за локалното централно затоплување.

Сепак, цената е слаба страна бидејќи топлотните пумпи се екстремно скапи за производство. Пумпите во Манхајм се очекува да чинат 235 милиони долари, што е скапо, но на крајот и исплатливо решение.

Извор: Futurism
Фото: Siemens Energy
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија