Компаниите што создаваат или користат содржини генерирани со вештачка интелигенција мора јасно да ги обележат за корисниците, како дел од насоките на Европската Унија кои стапија на сила во неделата.
Дипфејк содржините и останатите содржини создадени со вештачка интелигенција од недела мора да бидат означени, со стапувањето во сила на сеопфатните правила на Европската Унија за транспарентност во областа на вештачката интелигенција.
Целта? Да се осигура дека луѓето веднаш ќе знаат дали интернет-содржината што ја гледаат е вистинска или лажна.
Сеопфатниот закон за вештачка интелигенција на ЕУ стапува на сила етапно. Од недела, компаниите мора да обезбедат нивните системи за вештачка интелигенција, како што се чет-ботовите, јасно да им стават до знаење на корисниците дека се работи за вештачка интелигенција. Исто така, кога некоја слика или текст се создадени со помош на вештачка интелигенција, мора да постои ознака што го потврдува тоа.
Ова може да се постигне со интегрирање на водени жигови и други маркери за лесно откривање на содржините создадени со вештачка интелигенција. Фирмите се соочуваат со високи парични казни доколку не се придржуваат до правилата.
Исто така, упатството наведува дека оние што ги применуваат системите за вештачка интелигенција мора да ги информираат поединците кога се изложени на:
- Алатки за препознавање емоции и биометриска категоризација;
- Дипфејк содржини;
- Текстуални објави за прашања од јавен интерес кои немаат преглед од човек или уредничка контрола.
Фокус врз дипфејк содржините
- Генератaтивната вештачка интелигенција овозможува создавање дезинформации во невиден обем, приспособени за специфична публика и распространети со извонредна брзина - изјави претставник на ЕУ.
- Бидејќи вештачката интелигенција ни отежнува на сите нас да разликуваме што е вистинско, а што е синтетичко, правилата на ЕУ имаат за цел да ја зачуваат способноста на граѓаните да му веруваат на она што го гледаат, слушаат и читаат - додаде тој.
Посебна грижа за ЕУ се дипфејк содржините - текст, слики, видеа и звуци кои изгледаат реално, но се создадени или манипулирани со вештачка интелигенција.
Правилата засегаат содржини направени за професионални цели, а ЕУ инсистира дека поединците кои користат вештачка интелигенција исклучително за лични потреби нема да бидат засегнати.
И текстовите што имаат за цел да ја информираат јавноста за прашања од општ интерес ќе мора да бидат означени доколку се создадени со вештачка интелигенција без човечки уреднички надзор.
Системите за вештачка интелигенција имаат рок до 2 декември 2026 година да се прилагодат на новите правила, а постојат и исклучоци за уметнички, креативни, сатирични и фиктивни дела.
ЕУ врши притисок врз фирмите
ЕУ се најде на мета на критики поради наметнување дополнителни барања за бизнисите и правила што конечно ќе принудат секоја содржина да биде означена, имајќи ја предвид сè побрзата и поширока употреба на вештачката интелигенција ширум Европа.
Светските технолошки гиганти веќе почнаа да ставаат свои ознаки во очекување на правилата.
На пример, „Тик-ток“ веќе неколку години бара од креаторите на содржини да ги означуваат сликите, аудиото и видеата создадени со вештачка интелигенција и наведува дека над три милијарди содржини веќе имаат ознаки благодарение на алатките и технологијата за откривање.
Исто така, „Мета“ воведе ознака „ВИ инфо“ на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ за објавите што ја користат оваа технологија.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Magnific