X
 23.02.2019 Живот

Најбогатиот Британец се сели од земјата и има 4 милијарди причини за тоа

Најбогатиот човек во Обединетото Кралство, сер Џим Ретклиф, кој е шеф на компанијата ИНЕОС - гигант во хемиската индустрија, планира да го пресели седиштето на компанијата во Монако и така да заштеди на даноци до 4 милијарди фунти.

Компанијата наводно интензивно работи со консултантската куќа PwC на изградба на нова деловна структура, која драстично би ги намалила даноците што компанијата сега ги плаќа, а потегот на Ретклиф е интересен затоа што тој пред референдумот во 2016 година беше гласен заговорник за Брегзит.

Ретклиф во своите раце има 60 отсто од сопствеништвото на гигантот во кој работат 18.500 лица, а лани имаше профит поголем од 2,2 милијарди фунти. Дополнително, негови двајца најблиски соработници поседуваат по 20 отсто од сопствеништвото, а наводно и тие планираат преселба на Азурниот Брег за да избегнат плаќање данок на Островот. Според најновите извештаи, моќната тројка со ова би можела да заштеди најмалку 440 милиони фунти.

Британските политичари за потегот на Ретклиф рекоа дека е циничен, а изразија и разочарување.

Експертите од Универзитетот во Шефилд предупредуваат дека Ретклиф и неговата компанија имаат повеќе можности за избегнување данок, а тоа не ѝ е непознато на компанијата. Имено, Ретклиф во 2010 година го пресели седиштето на компанијата во Швајцарија на шест години, откако се препираше со британската влада токму околу плаќањето данок.

Инаку, Џим Ретклиф минатата година беше прогласен за најбогат човек во Обединетото Кралство и тоа откако самиот се јавил во „Сандеј тајмс“, кој ја објавил листата со најбогати луѓе, жалејќи се дека неговото богатство е драстично потценето. Откако им дал увид во документи на компанијата, која ја основал во 1998 година, неговото богатство добило на тежина, па пораснало на 21 милијарда, што било доволно од 18. место да се искачи на првото.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот