X
 23.02.2024 Наука

Преголемиот внес на протеини ги оштетува артериите

Обожавателите на месото не е задоволни од новото истражување кое посочува дека јадењето прекумерни количини протеини е лошо за артериите.

Истражувачите од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Питсбург дошле до овој заклучок откако ги анализирале биолошките податоци од луѓето што јаделе протеини. Тие откриле дека внесувањето над 22 проценти од дневните калории кои произлегуваат од протеини може да ги активира макрофагите, еден вид имунолошки клетки, со што се зголемува процесот на атеросклероза. Атеросклерозата претставува стврднување на артериите поради таложење на холестерол и маснотии на нивните ѕидови.

Атеросклерозата е лоша состојба бидејќи може да доведе до срцев и мозочен удар. Макрофагите играат клучна улога во формирањето на артериската обвивка. Истражувачите, исто така, откриле дека одредена аминокиселина, леуцин, е „клучен активатор“ за атеросклероза.

- Нашата студија покажува дека зголемувањето на внесот на протеини во потрага по подобро метаболичко здравје не е решение. Можете да им нанесете вистинска штета на вашите артерии. Нашата надеж е дека ова истражување ќе поттикне разговор за начините на модифицирање на диетите на прецизен начин, со што ќе може да се влијае врз функцијата на телото на молекуларно ниво и да се намалат ризиците од болестите - истакна Бабак Разани, професорот по кардиологија на Универзитетот во Питсбург и коавтор на студијата.

Фитнес-инфлуенсерот Марк Лоблинер ја критикувал студијата со остри зборови на платформата „X“.

- Овој текст е глупав - извикал тој во објавеното видео.

Инфлуенсерот на маносферата (збир на веб-страници, блогови и онлајн форуми кои промовираат мажественост, мизогинија и противење на феминизмот), Ендрју Херст, исто така ја критикувал студијата на платформата „Х“, тврдејќи дека авторите очајно сакаат да го промовираат веганството.

И покрај сè, оваа студија може да ве збуни околу тоа што треба да јадете за подобро здравје, бидејќи има толку многу конкурентни тврдења за добрите и лошите страни на исхраната богата со месо.

Ако е така, можеби треба да се држиме до основните принципи кои се едноставни и разумни: јадете умерено и потрудете се вашата исхрана да е разновидна.

Извор: Futurism.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука