Југословенски фирми градеа школи, болници, хотели и универзитети во Африка, Азија и на Блискиот Исток користејќи знаење, префабрикација и дух на неврзаност.
Едно од оние нешта на кои Југославија со право може да биде горда - без носталгија како мантра за некои подобри времиња, туку со објективна почит - е фактот дека некогаш одамна, кога нациите сонуваа за развој, ние извезувавме не само трактори и грицки, туку и архитектура. Да, добро прочитавте. „Извезувавме“ згради, школи, болници, стадиони, хотели, па дури и урбанистички концепти. Извезувавме знаење за просторот.
И тоа не во соседството, туку низ светот: во Африка, Азија, Блискиот Исток, па дури и во Латинска Америка. Со други зборови, во нов свет што се будеше пред нашите очи и кој ќе стане познат под името „Неврзан“. А на тој свет му требаа проекти, згради што симболизираат нова сегашност, независно, а не колонијално минато. Југословенската архитектура во неврзаните земји беше и политички гест - симбол на братство, модернизација и соработка.
Поради сето тоа, југословенската архитектура остави впечатлива трага во многу неврзани земји низ Африка, Азија и Блискиот Исток. До 1990 година југословенските компании проектираа, градеа и даваа знаење за многубројни објекти што беа спој на функционалноста, модернизмот, брутализамот и префабрикацијата, често приспособени на локалните климатски и културни услови.
Компанијата „Енергопројект“ во златната доба градеше цели квартови во Нигерија, Ирак, Гана, Либија, Кувајт... Градеа згради на министерства, стадиони, болници...
Југословенската префабрикација не беше само решение за станбената криза на домашната работничка класа, туку и извозен хит. Имено, ИМС (Industrialized Modular System) беше еден од главните извозни производи на југословенското градежништво и урбанизам. Овој систем беше развиен во соработка со Градежниот факултет во Белград и Институтот ИМС и претставуваше еден од најнапредните методи на индустријализирана градба во тоа време. Едноставно кажано: префабрикувана зграда во краток рок.
Југословенскиот ИМС систем беше особено ценет поради брзата градба и модуларноста, а во Африка и Азија во тоа време имаше многу за надополнување, а време имаше на претек. Овој систем е извезен во повеќе од 20 земји - од Сирија до Замбија. Модулацискиот систем со столбови и панели, отпорен на потреси, се покажа идеален во разни климатски услови. Особено беше популарен во Алжир, Либија и Ирак, каде што југословенските инженери обучуваа локални тимови како сами да си изградат дом и беа изградени многу станбени единици, школи и болници.
Во време кога цел свет се делеше на Исток и Запад, Југославија развиваше трет пат. А третиот пат значење и трет стил: модернизам со човечки лик. Се градеа школи во Ангола, болници во Нигерија, универзитети во Гана - во манир на функционалност, со јасен социјален предзнак. Тоа не беше експорт на неоколонијализам, туку солидарен пренос на знаење. Секоја зграда беше лекција.
Интересно е што овој извозен модернизам често беше понапреден од домашниот. Додека жителите на Нов Белград гледале во типските блокови, Уганѓаните во Кампала уживале во естетски и функционално супериорни градби.
Архитектурата за извоз била своевидна дипломатија - не во оддели и со вратоврски, туку „дипломатија во бетон“.
Што ни остана?
Останаа згради во помалку или повеќе зачувана состојба. Останаа архивски цртежи, проекти, анегдоти, понекоја спомен-плоча. И остана прашањето: ако некогаш сме можеле да извезуваме архитектура со карактер, што извезуваме денес? Ниски цени на работната сила? Производители за западните фирми? Станавме сенка на некогашната величина, за која, искрено, „постхумно“ дозна и Западот.
Можеби сепак сега е време да се потсетиме дека Југославија знаеше да изгради свет - буквално. И дека нашето знаење, школите и техниките не заостануваа зад Западот, напротив. Во светот што денес повторно бара ефикасни, одржливи и локално приспособени решенија, можеби ИМС и „Енергопројект“ повторно имаат што да кажат. Ако ништо друго, макар како инспирација. А можеби и ние можеме да ја вратиме самодовербата од старата слава, која никако не беше незаслужена.
Автор: Жикица Милошевиќ
Извор:
Gradnja
Фото: Freepik