X
 03.08.2025 Живот

Југоносталгија: Ресторан каде што Југославија никогаш не умре

За оние што копнеат по минатото или сакаат да се потсетат на старите времиња, кафеаната СФРЈ во Белград е вистинското место. Овој кафе-ресторан нуди порции носталгија за Југославија - земјата која веќе не постои.

На прв поглед кафеаната СФРЈ во Белград повеќе личи на мал, пренатрупан музеј отколку на кафе-ресторан.

Книги, плочи и машини за пишување се натрупани на полиците. Стари гитари и пожолтени извадоци од весници висат на ѕидовите. Златен порцелански сет за чај со сликата на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито зазема видно место во стаклената витрина.

Од отворањето во 2013 година, вработените и гостите на кафеаната СФРЈ собрале голема колекција на предмети како начин да се зачува и да живее споменот за земјата која престана да постои пред повеќе од 30 години.

Но, кафеаната СФРЈ не е единственото место каде што може да се доживее југоносталгијата. Југоносталгијата е жива во многу земји од поранешна СФРЈ.

Во политички турбулентни и економски неизвесни времиња, многумина копнеат по ера кога сè изгледаше поедноставно и подобро, што го потврдува и Веселинка Кастратовиќ-Ристиќ од Музејот на Југославија во Белград, посветен на зачувување на југословенското наследство.

За многумина, Тито и неговата Југославија сè уште претставуваат време кога земјата имаше значење на светската сцена: Тито беше лидер на Движењето на неврзаните, кое не беше поврзано со ниту еден блок за време на Студената војна.

Но, Тито е и контроверзна личност: додека некои го гледаат како харизматичен лидер, за други тој бил диктатор.


Извор: Deutsche Welle
Фото: Screenshot/DW
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот