X
 24.10.2025 Живот

Синдром на трета личност: Како реагира нашиот мозок во екстремни ситуации?

„Трета личност била присутна“ и во кабината на Чарлс Линдерг во текот на првиот соло лет преку Атлантикот во 1927 година.

Во екстремни услови, кога човек се соочува со сериозна закана за живот, некои луѓе искусиле необично и истовремено чудно чувство: дека некој е покрај нив и ги води, мотивирајќи ги да продолжат понатаму. Овој феномен е познат како „синдром на трета личност“ (англ. Third Man Syndrome).

Иако многумина го опишуваат како речиси натприродно искуство, повеќето научници веруваат дека станува збор за психолошка и невролошка реакција на мозокот на екстремен стрес и сензорна депривација. Тие сметаат дека станува збор за комплексна реакција на организмот во моменти кога сите други ресурси се исцрпени.

Овој поим го популаризирал авторот Џон Гејгер во својата книга „Факторот на третиот човек“ од 2009 година. Името е инспирирано од стиховите на поемата „Пуста земја“ на Т. С. Елиот, каде што се споменува „третата личност која оди со нас“, иако се присутни само две личности.

Еден од првите забележани случаи на „трета личност“ се случил во 1915 година, кога истражувачот Ернест Шеклтон на својата антарктичка експедиција почувствувал присуство на уште една личност. Интересно е што истото чувство го имале и неговите двајца вистински придружници.

Слични искуства пријавиле алпинисти, астронаути, едриличари, војници, како и оние што преживеале природни катастрофи или несреќи. Реинхолд Меснер, славниот алпинист, ја „сретнал“ третата личност при симнувањето од планината Нанга Парбат во Пакистан, кога трагично го загубил својот брат. Третата личност била присутна и во кабината на Чарлс Линдерг за време на првиот соло лет преку Атлантикот во 1927 година.

Што вели науката?


Иако описите на овој феномен често се емотивно силни и доживеани како многу реални или дури натприродни или божествени, научната заедница се обидува синдромот на третата личност да го објасни преку познати психолошки и невролошки механизми. Постојат неколку теории кои се обидуваат да објаснат зошто и како се јавува овој ефект.

Едно од најчестите научни објаснувања се однесува на физиолошките промени во мозокот предизвикани од екстремни услови. Висинска болест, дехидрација, исцрпеност, недостиг на сон и ниски температури може да доведат до хипоксија, односно пониско ниво на кислород во мозокот.

Таквата состојба може да предизвика халуцинации, дезориентација и изменета перцепција на реалноста. Во тие моменти, мозокот се обидува да ја одржи функционалноста создавајќи илузија на присуство на друга личност, која симболично ја презема улогата на заштитник, советник или водич.

Слична теорија тврди дека синдромот на трета личност е одбранбен механизам на психата, кој се активира во екстремни и трауматични ситуации. Мозокот, соочен со целосна осаменост или безизлезна ситуација, создава внатрешен глас или чувство на присуство за да обезбеди чувство на сигурност и контрола.

Истражувањата покажале дека чувството на присуство на трета личност е поврзано со активирање на одредени делови од мозокот одговорни за просторно ориентирање, перцепција на телото и чувство на самосвест.

Во моментите кога мозокот повеќе не може јасно да разликува каде завршува сопственото тело и каде започнува надворешниот свет, може да се појави чувство дека постои уште една личност иако реално таа не постои.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот