X
 25.09.2019 Култура

Победникот на Карлови Вари, бугарскиот „Таткото“ ќе го отвори 4. фестивал „Киненова“

Седум филма во официјалната селекција, надополнети со неколку возбудливи споредни програми, се вистински предизвик за публиката и годинава да го посети Интернационалниот фестивал на дебитантски филмови „Киненова“, кој ќе се одржи од 4 до 13 октомври во киното „Милениум“ и во Кинотеката во Скопје. Фестивалот ќе биде отворен со бугарскиот филм на 4 октомври во 20 часот во киното „Милениум“, со бугарскиот филм „Таткото“, кој е актуелен победник на фестивалот во Карлови Вари.


Сцена од бугарскиот филм „Таткото“, кој ќе го отвори фестивалот

- Многу ни се допаѓа што токму балканската кинематографија во последниве години е таа што дава некои од највозбудливите авторски имиња, а меѓу нив рамноправно фигурираат и почетниците, оние со прв или втор авторски филм зад себе. Токму таквата ситуација и го детерминира нашиот избор фокусот во официјалната селекција да биде ставен токму на неколку нови и свежи во својот пристап балкански филмски остварувања, кои веќе зад себе имаат и неколку фестивалски награди - вели Игор Анѓелков, селектор на програмата.


Игор Анѓелков (лево) и Небојша Јовановиќ

На прес-конференцијата што се одржа денеска тој ги претстави филмовите што ќе може да ги види публиката.
- Од ценетата грчка кинематографија доаѓа „Сожалување“ на Бабис Макридис, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, соработникот на предводникот на т.н. „чуден бран“ во грчкиот филм, Јоргос Лантимос. Потентната бугарска кинематографија ни го „подарува“ неверојатниот филм „Прасето“ на храбриот Драгомир Шолев, додека „Алекси“ на Барбара Викариќ е претставник на новиот хрватски „женски“ бран во филмската уметност. По ланскиот апсолутен „КинеНова“ победник „Блискост“ на Kантемир Балагов, руското ново кино годинава достојно ќе го претставува прекрасниот „Човекот кој ги изненади сите“ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов. Од секогаш возбудливата јужноамериканска кинематографија, од Бразил ни доаѓа симпатичниот „Сократес“ на Алешандре Морато, а за жанровско збогатување на понудата во официјалната конкуренција годинава имаме и еден документарен филм, германскиот „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус, приказна за ноќните дами крај еден автопат на северот од земјата - вели Анѓелков.

Гостинка на фестивалот годинава е наградуваната Јесим Устаоглу. Ќе бидат прикажани и петте филма што се номинирани за наградата „Лукс“ на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „Господ постои: Името ѝ е Петрунија“ и „Медена земја“.
Фестивалот ќе биде отворен на 4 октомври во 20 часот во киното „Милениум“, со бугарскиот филм „Таткото“, кој е актуелен победник на фестивалот во Карлови Вари.


Анѓелков ја најави програмата

Директорот на фестивалот изјави дека она што посебно избликнува од програмата годинава се токму филмските автори и дела кои пркосат со храброста и одлучноста да се промени лошата реалност.
- Во тој контекст имаме храбри филмови кои одлучно доаѓаат до сржта на проблемите. Киненова не отстапува ни милиметар од својата авангардна патека. Ја повикувам публиката да ја истражи Киненова 2019 и да се подготви за вистински филмски изненадувања - вели Јовановиќ.
Организаторите најавија дека наскоро ќе го соопштат името на филмската дива од екс-ју просторите, која ќе биде гостинка на фестивалот и ќе ја добие наградата за особен придонес во филмската уметност. Оваа награда досега ја добиле: Мира Фурлан, Жарко Лаушевиќ и Аница Добра.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура