Долгоочекуваниот психолошки трилер „'Рт на стравот“, зад кој стои Ник Антоска, пристигна на „Епл ТВ+“, а судејќи според првите реакции, гледачите веќе се воодушевени. Серијата од десет епизоди, инспирирана од култниот филм од 1991 година, следи сопружници адвокати чии животи почнуваат да се распаѓаат кога одмаздољубив убиец од нивното минато ќе излезе од затвор.
За што станува збор во серијата?
Новата серија, во чија продукција како извршни продуценти учествувале Мартин Скорсезе и Стивен Спилберг, е заснована на романот „Погубувачите“ од Џон Д. Мекдоналд од 1957 година. Овој роман бил инспирација и за истоимениот филм од 1962 година со Грегори Пек, како и за преработката од 1991 година во режија на Скорсезе.
Приказната го следи опасниот поранешен затвореник Макс Кејди (Хавиер Бардем), кој по излегувањето на слобода решава да им ги уништи животите на адвокатите што го испратиле зад решетки. Станува збор за брачниот пар Ана (Ејми Адамс) и Том Боуден (Патрик Вилсон).
Пред седумнаесет години Ана била адвокатка на Кејди, а спогодбата што ја постигнала го испратила на доживотен затвор. Подоцна таа се омажила за обвинителот во случајот, Том, а Кејди сега е решен да им го уништи нивниот навидум совршен живот.
Првите реакции на публиката покажуваат дека серијата е неверојатна, а серијата оставила силен впечаток и кај телевизиските критичари. „Гардијан“ ѝ доделил пет ѕвезди, опишувајќи ја како мајсторска лекција по напнатост и врвна режија.
Модерна верзија на класичната приказна
Креаторот на серијата, Ник Антоска, бил обожавател и на оригиналниот филм од 1962 година со Роберт Мичам и на римејкот од 1991 година со Роберт де Ниро. Сепак, сметал дека дошло време за модерна адаптација што ќе ја одразува сложеноста на денешниот живот.
Новата верзија вклучува секс-скандал, испади на социјалните мрежи и дронови.
- Постојат повеќе начини за тероризирање на семејство во 2026 година, а светот денес е пострашен отколку што бил порано - вели Антоска.
Пред снимањето, Антоска стапил во контакт со Мартин Скорсезе и Стивен Спилберг, кој бил вклучен во развојот на верзијата од 1991 година.
- Беа неверојатно дарежливи и доста вклучени. Нè охрабруваа да одиме по својот пат - вели Антоска. Единственото нешто за кое инсистирале да остане верно на оригиналот била музиката.
- Ни рекоа дека музиката на Бернард Херман е дел од ДНК на приказната и функционира како лик во двата филма - додава тој.
Поради тоа, Џеф Русо, исто како Елмер Бернстин во верзијата на Скорсезе, ја користел оригиналната музика на Херман како почетна точка.
Извор:
Index.hr
Фото: Pixabay