Пред војната, Обединетите Арапски Емирати беа дом на огромна заедница на богати странци, се проценува дека во земјата живееле меѓу три и четири милиони доселеници, а повеќе од 240.000 од нив биле милионери, најмногу во Дубаи.
Дубаи со години важеше за идеална дестинација за богаташите и меѓународните менаџери. Нудеше комбинација на луксуз и практичност: приватни училишта со висок стандард, развиена инфраструктура, меѓународни летови и плажи, а без данок на доход. Алкохолот им беше достапен на странците, а градот стана место за средба на богатите луѓе од Русија, Западот, Блискиот Исток и Азија.
Меѓутоа, по ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Израел со Иран и зголемениот ризик од ракетни напади и напади со дронови во регионот, дел од странските жители почнаа да ги напуштаат ОАЕ. Иако повеќето напади беа пресретнати, самата перцепција за несигурност беше доволна за да започне бран на заминувања. Некои ги фатија последните комерцијални летови кон Европа и САД, додека други преку Оман бараа алтернативни излези. Повеќето од нив планираат да се вратат доколку ситуацијата се смири.
Растечки интерес за заминување
Според процените и анализите на компаниите што се занимаваат со миграција на богати клиенти, интересот за преселба од ОАЕ пораснал за повеќе од 40 % во кус период. Истовремено, повеќе од 35 држави активно се натпреваруваат за привлекување богаташи преку програми за инвестициски визи и даночни олеснувања.
Меѓу новите и старите дестинации се издвојуваат Нов Зеланд, Малта, Малдиви, па дури и Аргентина, која најавува погодности за инвеститорите. Турција воведе поволни даночни режими за одредени странски резиденти, што веќе привлече дел од богатите клиенти кои со купување недвижности стекнаа државјанство.
Милано како нова европска база
Особено се истакнува Милано, кој станува сè попопуларен меѓу оние што го напуштаат Дубаи. Градот нуди стабилен финансиски систем, меѓународни деловни мрежи и релативно поволен даночен режим за високи приходи од странство, каде што се плаќа фиксен годишен данок.
Дополнителна предност за граѓаните на Европската Унија е едноставноста на преселбата, додека нееверопејците можат да добијат престој преку вложувања во компании, стартапи или државни обврзници. Покрај финансиските погодности, Милано нуди и развиен образовен систем со многу меѓународни училишта.
Сингапур како азиска алтернатива
Сингапур, исто така, се појавува како сериозна алтернатива, иако претходно ја губеше трката со Дубаи поради построгите општествени правила и помалку либералниот начин на живот. Меѓутоа, токму таа стабилност и предвидлив правен систем сега привлекуваат нови богаташи, особено оние од Кина и Индија.
Сепак, Сингапур има повисоки даноци на приходи и построги правила при купување недвижности, како и засилени мерки против перење пари по неколку големи скандали. Тоа го прави посигурна, но и построга средина во споредба со Емиратите.
Нема идеална замена за Дубаи
Иако Милано и Сингапур нудат одредени предности, ниту една дестинација не претставува совршена замена за Дубаи. Во Европа и во Азија постојат политички, даночни и регулаторни ризици кои одбиваат дел од богатите инвеститори. На пример, политичките промени во Италија би можеле да влијаат врз даночните олеснувања, додека Сингапур има високи даноци и строга контрола на финансиските текови.
Поради тоа, дел од богатството и понатаму останува врзано за Блискиот Исток, особено криптокапиталот и приватните инвестициски фондови. Многу компании го очекуваат враќањето на своите вработени во Дубаи, по периодот на работа од странство.
Фото: magnific