X
 27.10.2025 Живот

Првиот филм за „Титаник“ се појавил еден месец по катастрофата и во него глумел преживеан патник

Преживеаните од „Титаник“ ги поминувале деновите по катастрофалното потонување на бродот обидувајќи се да се помират со трагедијата. Многумина биле благодарни што можат да поминат време со семејството; други разговарале со новинари. Доротхи Гибсон снимила филм за нејзиното искуство на бродот.

Во мај 1912 г., едвај еден месец по потонувањето, 22-годишната Гибсон ја глумела фиктивната верзија на себеси, наречена Мис Дороти, во „Спасена од Титаник“, филм наменет да ја искористи јавната фасцинација со настанот. Тоа бил првиот драматизиран филм за „Титаник“, но брзината со која се снимал имал барем една значајна последица: во потрагата по слава, Гибсон повторно ја преживеала својата траума.

Гибсон пристигнала во Њујорк во 1906 година со намера да стане модел. Се приклучила во хор и се појавувала во сценски музички претстави. Со растењето на филмската индустрија, таа го насочила вниманието кон глумата, дебитирајќи на филм во 1911 година и учествувајќи во неколку неми филмови.

Во март 1912 г., Гибсон и нејзината мајка тргнале на одмор во Европа, со план да патуваат три месеци. Таа била повикана порано од очекуваното назад во САД по работа, па двете се качиле на „Титаник“ во Франција.

На 14 април, во 23:40 часот, Гибсон се повлекла во својата кабина. Таа го слушнала она што подоцна го опишала како „долго, гадно крцкање“, можеби звукот на судирот со ледениот брег што предизвикал сериозна штета на трупот. Гибсон не стоела со скрстени раце: таа и нејзината мајка брзо се качиле во чамецот 7, кој се спуштил во водите иако бил полупразен. На крај, чамецот го пречекал спасувачкиот брод „Карпатија“, па Гибсон и нејзината мајка тргнале кон дома.

Ја чекал Жул Брулатур, богат (и неодамна разделен, но не разведен) човек кој бил подготвен да ѝ даде две понуди на Гибсон. Тој ја побарал нејзината рака (планирал да се разведе од сопругата), но исто така ѝ предложил да напише и да сними филм за нејзиното искуство на „Титаник“. Тврдел дека тоа ќе биде исто толку добро за нејзината кариера колку што било и за нивната врска.

2
Фото: Wikimedia Commons

Во тоа време, Гибсон имала договор со филмската компанија „Еклер“. Компанијата сакала да ја искористи јавната заинтересираност за катастрофата.

Гибсон започнала да пишува сценарио за краток филм кој ќе траел само 10 минути. Таа се замислувала како Мис Дороти, невеста која се качува на бродот и предизвикува голема паника кај нејзиниот свршеник Џек, кога вестите за бродската несреќа ќе стигнат преку новинските агенции. Секако, таа се враќа жива, му ја раскажува ужасната приказна на своето семејство и се онесвестува додека ја раскажува.

Неколку дена по враќањето од „Карпатија“, Гибсон ја снимила нејзината приказна на сет во Форт Ли. Другите сцени се снимале на брод во пристаништето на Њујорк. Таа носела бел фустан, џемпер, ракавици и црни чевли, истата облека што ја носела вечерта кога бродот потонал. Во еден момент, таа толку била под стрес што снимањето морало да се стопира. Гибсон веројатно страдала од некаква форма на посттрауматски стрес. Сепак, продолжила да снима. Во ера кога снимањето филм можело да трае два месеца, „Спасена од Титаник“ бил завршен и објавен за само 30 дена по трагедијата.

Филмот „Спасена од Титаник“ добил добри реакции. За разлика од стерилните архивски снимки, филмот прикажувал романса што дополнително ја хуманизирало приказната.

Каков и да бил финансискиот надоместок што Гибсон го добила за „Спасена од Титаник“, веројатно не вредел. Искуството на преживување на бродската несреќа и снимањето на филмот ја натерало да ја напушти филмската индустрија.

Следувале повеќе турбуленции во животот на Гибсон. Во 1913 г. автомобил со кој управувал извршниот директор Пиер Брулатур убил пешак; Гибсон била еден од патниците во возилото. Подоцна сведочела со надеж да ја минимизира одговорноста на Брулатур и на возачот, тврдејќи дека не возел пребрзо и повикувајќи се на својата трагична приказна.

- Видете, откако се случи катастрофата на „Титаник“, бев толку нервозна што не можев да издржам да возам автомобил со голема брзина, ниту да дозволам да се вози брзо - рекла таа.

Таа се омажила за Брулатур во 1917 година, иако нивниот брак завршил со многу лош развод. Подоцна, Гибсон била наречена „агитатор“ за време на Втората светска војна. Во 1946 умрела од срцев удар во хотелска соба во Париз.

„Спасена од Титаник“ по премиерата не поминал добро. Во 1914 г., само две години по премиерата, единствениот негатив на филмот изгорел во пожар во „Еклер“ во Форт Ли. Поради тоа, „Спасена од Титаник“ повеќе никогаш не бил прикажан. Сè уште постојат прашања како филмот и примитивните визуелни ефекти од тоа време го прикажале потонувањето на бродот.

Извор: Mentalfloss.com
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот