X
 27.12.2019 Образование

В понеделник УКЛО ќе го добие студентскиот лидер

Во согласност со Законот за високото образование и Статутот на УКЛО, на 30 декември оваа година ќе се одржи Изборно собрание за претседател и членови на раководството на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола.

- Во фокусот на работењето на УКЛО е студентот и кон Универзитетското студентско собрание се гледа како на партнер во донесувањето на одлуките и заедничко креирање политики за потребите на студентите. Во иднина ќе се разгледа можноста за финансиска поддршка на повеќе проекти кои би ги реализирале самите студенти, воедно да се зголеми комуникацијата на собранието со колегите од другите земји од регионот и членки на ЕУ и од САД - велат од УКЛО.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание се избира од редот на претставниците именувани во Универзитетското студентско собрание, со тајно гласање, со мандат од една година, со право на уште еден избор.

укло

Студентско собрание е тело на универзитетот во кое членуваат претставници на студентите на универзитетско ниво. Универзитетското студентско собрание ги штити интересите на студентите, учествува преку свои претставници во одлучувањето во органите и телата на универзитетот и ги претставува студентите во рамките на високото образование како членови на академската заедница. Универзитетското студентско собрание има надлежност да избира студентски претставници во Сенатот и другите органи и тела на универзитетот, каде што студентите заедно со професорите и другите членови на академската заедница заедно и рамноправно носат одлуки.
Универзитетското собрание го предлага и Студентскиот правобранител пред Универзитетскиот сенат, а и се грижи за квалитетот на студентот и квалитетот на процесот на студирање, студентскиот стандард, остварување на студентските права и интереси и за студентската културна, социјална и интелектуална надградба.

Универзитетското студентско собрание може и да им предложи на органите на управување, како што се Ректоратот, деканската управа и слично, финансирање на студентски активности. Исто така, собранието и поттикнува студентски активности и надвор од наставниот процес. Универзитетското студентско собрание е составено од претставници на студентите именувани од редот на претставниците избрани во факултетското студентско собрание на единиците на Универзитетот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование