Шведскиот стриминг-гигант „Спотифај“ официјално ја лансира новата опција за аудиостатии („narrated articles“), со што ја зголемува разновидноста на својата содржина.
Корисниците на оваа платформа од денес можат да слушаат аудиоверзии на ексклузивни текстови од некои од најпрестижните светски списанија, вклучувајќи ги „Вог“, „Атлантик“ и „Варајети“, пренесува Ројтерс.
Во првата фаза, на корисниците што веќе имаат пристап до аудиокниги „Спотифај“ ќе им понуди база од над 650 подолги статии на англиски јазик.
Просечната вест на интернет има меѓу 200 и 500 збора, што се чита за минута или две, а споменатите подолги статии обично содржат од 2.000 до 10.000 и повеќе зборови.
За да се прочита еден ваков текст во списание, потребни се од 15 минути до еден час – а во аудиоформат, како што наведе „Спотифај“, тие текстови траат и до два часа.
Премиум претплатниците ќе имаат директен пристап до аудиостатиите, во рамките на нивниот месечен лимит за слушање аудиокниги. Корисниците што не плаќаат претплата ќе ја имаат опцијата да купуваат поединечни аудиостатии по цена од 1,99 долари.
Овој потег доаѓа во момент кога „Спотифај“ бара нови начини да ја зголеми ангажираноста на корисниците и да ја одбрани својата лидерска позиција. Компанијата се соочува со нов тип конкуренција во вид на генеративни ВИ музички стартапи, но и со традиционалните ривали во видео и поткаст-сферата, како што се „Јутјуб“ и „Нетфликс“.
Фото: magnific